Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека по атентатот во кој беше полесно повреден во саботата, целосно го променил говорот што ќе го одржи во четврток, на последниот, четврти ден од конвенцијата на Републиканците во Милвоки.
Тој изјави дека ќе повика на нов напор кон национално единство.
Трамп во ексклузивно интервју за неделникот „Вашингтон Егзаминер“ изјави дека сака да го искористи историскиот момент и да ја обедини земјата.
„Говорот што требаше да го одржам во четврток ќе беше импресивен. Ќе беше брутален. Мислам дека би било многу лошо ако после сè почнев да беснеам колку се сите ужасни, колку се корумпирани. Сега имам говор што обединува. Да не се случеше ова, ќе беше еден од најневеројатните говори. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор“, рече Трамп.
Тој рече дека говорот ќе го одрази неговото верување дека нападот на митингот во Пенсилванија целосно го променил текот на изборната кампања, што и републиканците и демократите веќе го потврдија. Трамп рече дека неговиот говор ќе биде одговор на моментот наметнат од историјата.
„Ова е можност да се обедини земјата, дури и целиот свет. Говорот значително ќе се разликува од планираниот пред два дена“, рече Трамп.