Алжирската боксерка Имане Келиф привлече големо внимание на Олимписките игри во Париз, кои завршија вчера.
Келиф се бореше со бројни обвинувања и притисоци, но на крајот го освои златниот медал во бокс до 66 килограми, откако во финалето со едногласна одлука на судиите ја победи Кинеската Јанг Лиу.
Со оглед на тоа што Меѓународната боксерска федерација и забрани учество на Светското првенство во Индија, откако не ги положи тестовите за утврдување на полот, а претседателот на ИБА, Умар Кремлев, тогаш тврдеше дека има XY хромозоми, светот ја осуди и беше многу груб кон неа, а сега нејзиниот адвокат Набил Буди објавува дека поднела тужба до специјалното одделение на париското обвинителство за борба против говорот на омраза на интернет.
„Боксерката Имане Келиф одлучи да започне нова борба, борба за правда, достоинство и чест“, рече Буди, според „Галф тајмс“.
„Истрагата ќе открие кој стои зад оваа мизогинска, расистичка и сексистичка кампања, но ќе се занимава и со оние кои го охрабрувале линчот на интернет.
Неправедното малтретирање на кое беше изложена боксерската шампионка ќе остане најголемата дамка на овие Олимписки игри“.