Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска на средба со новинарите нагласи дека може со часови да набројува лица за кои Вашингтон се сомнева дека се вмешани во корупција.
Во моментот, како што рече, работат на неколку случаи и нема да објават санкции пред да имаат 100 процентни докази за лицата кои што ќе ги стават на црната листа.
-Половина од помошта што не беше за воени цели ја потрошивме за владеење на правото, а се покажа дека немаме поврат на таа инвестиција. Напротив, последната декада видовме многу значајно зголемување на корупцијата што беше разочарувачки за нас, рече Ангелер. Според нејзината оценка, таа во Македонија е на ниво на епидемија и ја има во секој сектор и во секоја организација, така што само со именување на корумпираните актери можат да почнат да и помагаат на земјата да се справи со тоа.
Според неа, по ставањето на Рамиз Мерко на црната листа лани во јуни, сите вакви одлуки биле дочекани без изненадување.
Но, имале реакции за ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, како и прашања: зошто тој.
Таа не кажа за каква корупција конкретно станува збор и за кои случаи, бидејќи, како што нагласи, водат сметка за приватноста и на санкционираните.
-Анѓушев може да се жали и може да ангажира адвокат во САД. Знам за други санкционирани што имаа тимови на адвокати и се обидуваа да ги спорат одликите. Но, одлуката е донесена врз основа на значајна евиденција. Имаме многу докази и бројни случаи за него. Овде станува збор за прашање за отчетност, за одговорност за неговите акции, рече Агелер.