Имаме голема и нефикасна јавна администрација и мора тоа да се промени, изјави министерот за администрација Горан Минчев, кој најави дека во јануари пред пратениците ќе бидат повеќе стратешки закони со кој треба да се унапреди работата на јавната администрација.
„Имаме преголема, пребавна јавна администрација… Ние во рамки на овие нови законски решенија на коишто работи работната група во Министерството за јавна администрација ќе понудиме неколку решенија како пилот-проекти коишто ќе се однесуваат на делумно скратување на јавната администрација“, изјави Минчев.
Реформата на администрацијата, како што рече Минчев, ќе почне од неговото министерство, односно од оние органи кои се поврзани со Министерството за јавна администрација, а ќе се однесуваат на кратење на дел од управните одбори.
„Реформата во јавната администрација со сите аномалии кои ги има, не е процес кој може да се заврши преку ноќ. Прво тоа е процес на носење закони, но тие мора да бидат содржајни, квалитетни и применливи, за понатаму да следи втората фаза, односно примената на овие закони. Во право сте, имаме преголема, пребавна јавна администрација. Во рамки на новите законски решенија на кои работи работната група во Министерството за јавна администрација ќе понудиме неколку решенија како пилот-проекти кои ќе се однесуваат на делумно скратување на јавната администрација“, рече Минчев пред состанокот на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација.