Имаме доверба во полицијата, максимално се ангажирани во потрагата по мојата ќерка. Не ме прашувајте како сум, како би можела да бидам. Се трудам да останам силна, да бидам од корист, а имам и друго дете за кое морам да се држам – за ,,Фокус” вели Зорица, мајка на 14-годишната Вања Ѓорчевска, која веќе три дена е исчезната.
Раскажува дека во јавност се пласираа голем број на шпекулации, кои не им се од помош, туку само ја отежнуваат ситуацијата. Открива дека се случило да и се јави новинар кој се претставил како инспектор, со цел да дознае повеќе информации за настанот, и истиот веднаш го пријавила во полиција.
-Не читам што се коментира на социјални мрежи и гледам дека најмногу згрешив што го оставив мојот број, кога го објавив апелот за Вања. Требаше да апелирам сите кои нешто знаат да се јават директно во полиција. Но, кој да знаел… Многу шпекулации и невистини, еве повторно кажувам дека ќерка ми е примерно дете, секогаш отворена, сакана и почитувана од школските другари, немаме непријатели, се беше во ред во нашите животи. Со нејзиниот татко сме во нормални односи, значи се функционираше нормално, нема место за никакви теории- појаснува мајката.
Додава дека секогаш кога Вања отсуствувала од училиште, таа на време ја известувала класната раководителка. Затоа, кога пред три дена Вања не дошла во училиштето, класната веднаш и се јавила, бидејќи не било својствено за нив да не кажат предвреме кога се работи за отсуство.
-Затоа и веднаш пријавив во полиција, бидејќи вакво нешто никогаш не ни се случило. Сите кои не познаваат, и пријатели и колеги, веднаш алармираа на социјални мрежи, започнаа да бараат, затоа што им беше јасно дека нешто се случило, дека за Вања не е својствено вакво нешто-истакна мајката.
Таа замолува доколку некој има било какви сознанија да се јави во полиција, и потенцира дека има доверба во институциите.
На Вања и се изгуби траг во населбата Дебар Маало, кога пред три дена заминала на училиште. Училиштето било на околу седум минути пешачење од нивниот дом. Последниот сигнал од мобилниот телефон на девојчето бил лоциран во близина на кафулето ,,Броз” на улица ,,Партизанска”.
Вики Клинчарова