На мои 54 години се борам со тешка дијагноза, рак на простата, и како тоа да не е доволно, соочен сум со една бизарна ситуација, не можам да се лекувам, бидејќи фирмата во која сум вработен пет години, Јавно претпријатие Национални шуми не платило придонеси за изминативе три месеци. На многу врати тропнав, сите креваат рамена, па затоа решив вака јавно, преку медиумите да барам помош -во телефонски разговор за ,,Фокус” открива Корун Кукуловски од Ресен.
Како што појаснува, тој започнал со терапија од февруари, а сега требало да направи пет скен на Урологија, во Државна болница Скопје. Според резулатите добиени од овој дијагностички метод, зависело дали ќе треба да прави операција. Но, бидејќи не му биле платени придонесите, здравствено и пензиско осигурување, од Урологија му кажале дека не може ниту да закаже скенирање.
-Разговарав со директорот во нашата подружница во ,,Национални шуми,,, му ја објаснив целата ситуација, тој ми вели дека не зависи од него, туку од надлежните во ЈП Македонски шуми во Скопје.
Значи, дали да седам со скрстени раце и да чекам да умрам, или има во државата институција која е надлежна за вакви случаи и која може веднаш да го реши проблемот, настанат не по моја вина?
Се работи за рак на простата, не за настинка!
Информиран сум дека доколку треба да се оперирам, операцијата изнесува околу пет илјади евра. Бев во Фондот за осигурување, понудив сам да си ги платам придонесите, за да можам да се лекувам, и од таму ми кажаа дека не може, огорчено раскажува ресенчанецот.
Додава дека не е единствениот во претпријатието кој се соочува со ваков проблем. И други негови колеги поради неисплатени придонеси, немале опција да се лекуваат.
-Мој колега шета со месеци со катетер, и тој не може да се лекува, и не знае каде да се обрати за помош. И за уште еден вработен знам дека има сличен проблем, луѓето молчат и трпат. Во каква држава живееме, кога работникот се соочува со вакви ситуации? Ја замолувам институцијата која ќе се прогласи за надлежна за мојот случај, ако има таква, да ме контактира. Да знам каде да барам спас! Живот е во прашање! –алармира Кукуловски.
ЈП Национални шуми и во март годинава се најде во центарот на вниманието, кога околу 2.000 вработени од 30 подружници штрајкуваа, бидејќи со месеци не добиле плата и не им биле исплатени придонесите. На прес конференцијата на Синдикатот, прашаа како може да нема плата за вработените, а истовремено да се има пари за нови службени возила и за околу 400 нови вработувања.
– Ако раководството не може да исплати плата, нека поднесе одговорност и оставка, а не секој пат да има изговор за неисплатените плати. Изговор е дека чекале позјамица, пари кои треба да ги враќаат овие колешки и колеги или финансиска инјекција од Владата. Ако веќе некој е менаџер на ЈП треба да биде способен на вработените да им исплати плата.
Пред некое време ова ЈП имаше тендер за набавка на службени возила, а платата не е исплатена. Неодамна се вработија 450 лица, а лицата кои до неодамна одеа во партија и бараа работа, сега доаѓаат во синдикат и бараат плата-истакна на тогашната прес конференција Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
И во минатото ова јавно претпријатие се соочуваше со финансиски кризи, а вработените штрајкуваа.
Вики Клинчарова