Додека бев во затвор до 2015 г., фала му на Бога, бев во прилично добра кондиција, не чувствував никакви проблеми со здравјето, но во 2017 година се разболев со една неизлечлива болест – мултиплекс склероза, вели митрополитот на Крушевско-демирхисарската епархија, Јован Вранишковски, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Митрополитот Јован вели дека времето во затвор го користел и за вежбање и трчање, обидувајќи се да го одржи физичкото и психичкото здравје. Но, додава тој, како што велат и докторите, кога напнатоста од концентрацијата на одреден проблем ќе се намали, се појавуваат проблеми. Нему мултиплекс склерозата му предизвикува проблем во одењето, и делумно во говорот.
„Тоа е една од нуспојавите односно од појавите на мултиплекс склерозата, таа влијае и на говорот. Целиот нервен систем е нападнат, но кај мене е ограничено. Кај некого напаѓа еден дел од нервниот систем, кај други друг дел, кај мене помалку со зборувањето имам проблем но се чувствува“, вели митрополитот Јован.
Додава дека во ниту еден момент не размислувал за пензионирање, иако јавно се спомнуваа и такви опции, бидејќи како што вели, епархија се води со глава, а не со нозе.
Зборувајќи за петте години поминати во македонските затвори, Јован вели дека тој период воопшто не бил лесен за него, особено не во нашите затвори каде условите се мизерни. Но, додава тој, кога се има цел и кога таа цел и идеја е заради Бога, тогаш се станува подносливо.
„Може да е недолична споредба со Махатма Ганди или со Мендела… Ама имаат цел луѓето и кога имаат цел, тогаш целата концентрација е идејата кон целта, а не кон тоа што се претрпува и како се живее. Јас напишав една книга ’Слобода во затворот’ и не можам да кажам дека дури ни пристојни услови има во затворите ама кога човек има идеја и таа идеја е заради Бога, тогаш целиот се вложува во тоа и сите тешкотии кои ги поминува му изгледаат не лесни, но подносливи“, рече Јован.
Владиката на МПЦ-ОА вели дека во КП „Идризово“ делел соба со 40 други луѓе и дека дури и тоа се води како „привилигирана просторија“ бидејќи таа не се заклучува, па може слободно да се шета по ходниците.
Г. Јован, кој по 20 години минатиот месец беше и формално вратен во редовите на МПЦ-ОА како митрополит крушевско-демирхисарски, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, ги изнесува своите видувања за ситуацијата во која се наоѓа Македонската црква откако СПЦ издаде томос за нејзина автокефалност (а не Вселенската патријаршија). Тој смета дека треба да се најде модус за прифаќање на автокефалноста на Охридската архиепископија од вселенскиот патријарх зашто, како што вели, не може една црква да добие два томоса.
„Со многу напорни преговори секако дека може да се убеди Вселенската патријаршија овој томос да го третира како предлог. Во суштина, така и беше договарано – значи, мајката црква да даде предлог на Вселенската патријаршија…“, вели владиката Јован.