Не знаеме дали има некои нови откритија во врска со нашиот син Петар, кој исчезна пред речиси половина година. Од полицијата ни се немаат јавено неколку месеци, а ние самите не знаеме што да правиме и каде да бараме – за ,,Фокус” раскажува Стојо Џобески, татко на 11-годишниот Петар, кој на 25-ти февруари исчезна во село Врпско, Прилеп.
По момчето кое е со ментална попреченост се трагаше подолг период и се пребаруваше целата околина, но потрагата беше безуспешна. Таткото вели дека и сега, кога и да оди во Врпско, каде чувал пчели, ја пребарува околината. Но, како што појаснува, се повеќе бил сигурен дека Петар е киднапиран и однесен некаде далеку.
-Јас сум неук човек, работев како рудар, сега треба да добијам пензија. Постојано сите дома разговараме за Петар и за она кое би можело да се случи, и најчесто завршуваме со мислите дека бил нападнат од диви животни или пак дека бил киднапиран. Но, пред еден месец имаше една случка која ја подгреа нашата надеж дека е Петар е жив. Гледав некои видеа на интернет, за изгубени деца, за киднапирања, за нивни пронаоѓања, бидејќи со тоа сме преокупирани постојано. Не се разбирам многу во интернетот, но кога завршува едно видео се пушта друго, па така ми се отвори едно видео од Авганистан. На видеото имаше еден стар човек и четири деца околу него. Трите деца беа бели, девојчиња, со светли коси, како од Шведска и земјите во кои живеат руси луѓе, а едното од нив, беше како многу исончано, со избричена глава, облечено во долг фустан, како мантија, и на прв поглед помислив дека го гледам нашиот Петар. Беше исто како него, во раст, и во еден момент човекот му се обрати со зборот – Питер. Останав во чудо, сличноста беше преголема. Сакав да и го покажам видеото на сопругата, која тогаш не беше дома, да го видат сите, но снимката ми се изгуби. Не можев да се снајдам, да го вратам назад, бидејќи не се разбирам многу во интернет. Им раскажав на домашните за видеото, никако не можевме повторно да го најдеме – раскажува таткото.
На прашањето дали ја известил полицијата за видеото со момчето за кое тврди дека несомнено многу личи на Петар, одговара дека не го сторил тоа.
-Не им јавив во полиција. Не знам дали и тие ќе можеа да го најдат видеото, а гледам дека и мене не ми се јавуваат веќе долг период. Но, затоа би апелирал, ако некој се разбира во тие групи за исчезнати деца, ако може во нив да ја сподели фотографијата на Петар, посебно ако има такви групи во Авганистан. Навистина, момчето кое го видов на видеото беше како нашиот Петар. И името Питер само уште повеќе направи да мислам и да се надевам дека тоа е нашето дете. Затоа би замолил, граѓаните кои се разбираат во интернет, да ја споделуваат неговата фотографија насекаде, во други земји, на страници каде се бараат исчезнати лица. Постојано мислам на она кое го видов во видеото, тоа ми е голема надеж дека Петар е жив – вели Џобески.
Кога исчезна Петар бил висок околу 140 сантиметри, тежок околу 35 килограми, има црни очи и светла коса. Врз тренерките носел елек во жолта боја и розови чизми.
Вики Клинчарова