Меѓународниот ден на жената Осми Март е ден за одбележување на борбата на жените за економски, граѓански, политички и социјални права, но дали жените глобално, а посебно во Македонија ги уживаат овие права?
Секојдневните неправди кои ги живеат жените не може да се надоместат со букет цвеќе, подарок, или пак забава во кафеана на празникот, иако многумина со нетрпение го чекаат овој ден, за да си дадат мал одмор од секојдневието.
Но, на овој ден да не ги заборавиме податоците дека од 2008 до 2020 година дури 92 жени во Македонија биле убиени од лице со кое биле во блиска врска – сопружник, поранешен партнер, вонбрачен партнер, а во повеќето случаи имале и заеднички деца со убиецот. Тоа се поразителни факти за едно општество.
Според истражување на Националната мрежа против насилство и семејно насилство, во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство.
Јавноста лани во август сведочеше на настанот кога во својот дом во Неготино до смрт беше претепана 46-годишна жена од страна на поранешниот партнер. Убиецот доби затворска казна во траење од 15 години, под образложение дека станува збор за кривичното дело Тешка телесна повреда при вршење на семејно насилство.
Реакциите на Платформата за родова еднаквост, дека станува збор за фемицид, и апелите обвинителниот акт да се преквалификува во убиство, за што е предвидена казна од десет години до доживотен затвор, останаа неслушнати.
-Од понатамошното постапување на правосудните органи несомнено ќе зависи и понатамошното охрабрување на жртвите за пријавување на насилството врз жените и семејното насилство, а истовремено ќе го одрази и нивото на општествена свест за родово базираното насилство и фемицидот како негова најтешка форма- реагираа тогаш од Платформата.
За разни форми на насилство над жени, само поради тоа што се жени, годинава се разоткрија низа на такви случаи.
Наведување на проституција од страна на сопруг, наведување на проституција на малолетни девојчиња од страна на возрасни мажи, речиси секојдневни вести во дневните билтени на МВР за случаи кога жена била физички нападната од страна на партнер или поранешен партнер…
Застрашувачки се и бројките за слични случаи, кои остануваат скриени под тепих, бидејќи жртвата се плаши да го пријави сторителот.
Покрај тоа, жените посебно во Македонија и на Балканот, се најчесто оние кои го носат најголемиот товар од извршувањето на домашните работи, без разлика дали се вработени, или пак ги издржува партнерот.
Предизвици кога станува збор за вработување, дискриминација на пазарот на трудот, се уште актуелните отпуштања од работа поради бременост, но и низа на нееднаквости кои доаѓаат од патријахалните норми…
Традицијата да се остави имотот од родителите само на синот, додека ќерките се оставени без ништо, е уште една од многуте причини поради која многу жени се финансиски зависни од партнерот, и во безизлезна состојба поради нискиот буџет се принудени да живеат под ист кров со насилници.
Спречувањето на можноста за развој на жената е нешто кое и денес е реалност, па затоа се се погласни помладите генерации кои сметаат дека со прославувањето на празникот со подароци и кафеански дружби само уште повеќе се трга акцентот од вистинската суштина на одбележувањето на Интернационалниот ден на жената.
Цветот на ружата за Осми Март, а трњето секој останат ден во годината, сметаат многумина, во обид да се започне со сериозни промени кога е во прашање нееднаквоста помеѓу мажите и жените.
Вики Клинчарова