Во текот на наредната недела ќе почнат со работа пет нови КОВИД амбуланти на територијата на градот Скопје, но епидемиолошката состоба во државата е стабилна и за сега нема да има дополнителни превентивни мерки, рече денеска на прес-конференцијата портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
На денешниот состанок на Комисијата се анализирала епидемиолошката состојба, при што е констатирано дека има зголемување на бројот на новозаразени случаи, но оти состојбата во болниците е стабилна.
Мехмедовиќ посочи дека нема зголемување на бројот на хоспитализирани во болниците, што, според него, значи дека болничките капацитети сè уште се доволни за да можат да ги згрижат сите оние граѓани кои имаат потреба.
-Со постоењето на КОВИД амбуланти вака дисперзирани ќе биде покриена целата територија на градот и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за КОВИД -19, што сметаме дека ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за КОВИД дијагностика и третман за граѓаните на градот Скопје подостапни – рече Мехмедовиќ.
Тој додаде дека најголемиот дел од оптовареноста на системот се наоѓа на примарно ниво, односно е на грбот на матичните лекари и Комисијата работи во насока на тоа да го зајакне примарниот дел од здравствениот систем.
-Работиме и на тоа да обезбедиме опрема, персонал и кадар за останатите градови, меѓутоа ова е нешто што сметавме дека е ургентно и заради тоа започнавме со оваа реорганизација во рамките на град Скопје – рече Мехмедовиќ.