Од Коалицијата „Сите за правично судење“ откриваат дека има нови најави од челнови на Судскиот Совет дека ќе поднесат оставки, откако судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација поднесоа оставки од членови на ова тело.
Од Коалицијата велат дека ова е единствениот начин судството во целина да излезе од ситуацијата во која се наоѓа.
„Очигледно е дека и самите судии, според последното објавено истражување, велат дека немат доверба во Судскиот совет, односно три од четири судии сметаат дека изборот и разрешувањата на судиите не е соодветно на законот. Имајќи предвид дека ова истражување е од 2022 г., може само да претпоставиме доколку сега било направено истражување какви би биле резултатите после сите случување што ги имавме во Судски совет“, изјави Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во емисијата „360 Степени“.
Таа рече дека Коалицијата и натаму ќе прави притисок во насока на тоа дека сите членови на Судскиот совет треба да си дават оставка.
„Треба да бидат избрани нови членови на Советот што ќе имаат интегритет и ќе вложат напори за да ја вратат довербата во Судскиот совет – пред сè од судиите, но и од граѓаните, затоа што ако судиите немат доверба во Судскиот совет како ние обичните граѓани да имаме доверба“,изјави Петковска.
Коалицијата „Сите за правично судење“ постојано укажува дека актуелниот состав на Судскиот совет е нелегитимен и врз основа на тоа не може да ја штити судската независност.
Дека ситуацијата е таква, покажа и последната анкета на ОБСЕ и Антикорупциската комисија спроведена помеѓу судиите и обвинителите кои не им веруваат на највисоките органи во правосудството, Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Над 70 отсто од анкетираните велат дека Судскиот Совет работи за лични и партиски цели, а не е заштитник на независноста на судството што му е основна функција. Освен тоа, во анкетата спроведена анонимно, 32 отсто од анкетираните судии почувствувале или се нашле под притисок на членовите на Судскиот совет.
Членовите на Советот, согласно новите покачувања од 78 проценти, земаат основна платата 2.300 евра, а претседателот над 2.600 евра, без пресметани додатоци и патни трошоци.