Kандидатите за претседател што испаднаа во првиот круг и политичките партии што ги поддржаа повикуваат на масовна излезност во вториот круг. Но, никој не дава отворена поддршка за еден од двајцата кандидати што ќе се соочат во директен дуел – Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Сепак, може да се примети дека некои од нив имлицитно сугерираат за кого да се гласа.
–Ја одржувам оваа прес-конференција за да го признаам поразот и воедно да и честитам Гордана Силјановска и да и посакам среќа во вториот изборен круг – изјави лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски веднаш после првиот круг од изборите.
Оваа изјава на Јакимовски веднаш ја протолкуваа како поддршка за Силјановска од страна на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски рече дека по првиот круг се слушнал со Арбен Таравари и Максим Димитриевски.
Притоа, тој посочи дека не само што очекува поддршка од ВЛЕН и ЗНАМ, туку од сите опозициски кандидати, што значи дека тоа го очекува и од Билјана Ванковска, која беше поддржана од Левица.
– Би сакал да слушнам одговор на две прашања и тоа е легитимно. Првото е дали ќе ги советуваат граѓаните кои го дале за нив гласот да излезат во вториот круг на претседателските избори и ако е одговорот да, тогаш каков ќе биде нивниот совет за кого да го дадат својот глас. Дали за Стево Пендаровски или за Гордана Силјановска Давкова, бидејќи логиката вели дека ако сте антивладин глас и ако антивладино гласате, тогаш логиката вели за Гордана Силјановска Давкова треба да гласате.
Ние имаме јасна позиција, човек кој излегол пред граѓаните со својот авторитет и пораки со своја политика и своја стратегија за понатаму. Тој не е небитен, неговиот став е битен. Неговата порака и став се важни за симпатизерите кои го дале гласот за него, тоа не е морална или неморална постапка. Јас не велам дека некој од нив ќе ги донесе гласовите, туку легитимно е како учесници во процесот да дадат совет – нагласи Мицкоски.
И покрај ваквите очекувања, ниту еден од опозициските кандидати и партии не се изјасни со директна поддршка за еден од кандидатите. Она што е заедничко за скоро сите од нив е апелот за масовна излезност.
Во тој контекст, лидерот на ЗНАМ Димитриевски вчера изјави дека лоша пракса е да се повикуваат граѓаните за кого да гласаат, но воедно ги повика да го искористат гласачкото право.
Што се однесува лично до него, тој рече дека ќе гласа и дека нема да го чкртне ливчето. Патем, посочи дека веќе се извинил за поддршката кон Пендаровски, со што индиректно го кажа својот став.
–Немам морално и етичко право јас да барам од гласачите кои мене ме поддржале кого да поддржат. Нема да го правам тоа и таа пракса е лоша. Гласањето е таен чин, граѓаните сами одлучуваат, но побарав од граѓаните, поради тоа што сме соочени со фактот поради неуспешни претседателски избори да влеземе во политичка и институционална криза, да излезат масовно и да ја дадат поддршката на кандидатот за кого сметаат.
Лично до мене што е, јас се извинив на граѓаните уште во јуни 2022 година за мојот ангажман како дел од поддршката на Стево Пендаорвски и сигурно тој нема да ја добие мојата поддршка… Нема да имам неважечко ливче, апсолутно ќе гласам, нема да оставам мојот глас да пропадне. Јас сум демократ по убедување и тоа е тоа – рече тој.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, јасно и недвосмислено кажа дека нема никого да поддржат на овие избори, поучени од, како што рече, лошото искуство од минатите избори, кога ја поддржале Силјановска, а за возврат добиле шиканирања.
–Не ги носиме во џеб за да ги даваме и да се пазариме, нека си гласаат по сопствено убедување. Ние се изгоревме еднаш со таква бланко-поддршка во 2019 година. Имавме отворена поддршка и нашето дисциплинирано членство и ја даде довербата на Силјановска, а за возврат добивме шиканирања, банирања од Алфа телевизија, најгнасни напади од ДПМНЕ, така што нашата грешка ја констатиравме и нема да ја повториме…
Не дека донесовме 60.000, но барем 40.000 донесовме, и за возврат кажав што добивме. Но учиме од нашите грешки, секој како мисли ќе гласа, луѓето се разумни битија и нека ја дадат довербата на еден од овие двајца – рече Апасиев во поткастот на Плусинфо.
Тој додаде дека Пендаровски е чиновнички тип на претседател, кој, според него, одвај чека да завршат изборите и да замине во претседателска пензија, но, како што нагласи, лошо е ако една партија има и премиер и претседател, зашто тоа значи апсолутна власт.
Околу прашањето како ќе се постават во вториот изборен круг, еден од лидерите на албанската опозиција ВЛЕН, Изет Меџити, рече дека одлуката на гласачите е нивно избирачко право и, како што додаде, нема да им даваат насоки.
Меѓутоа, тој јавно го праша лидерот на ДУИ Али Ахмети дали дал насока да се спроведе бојкот, откако претходно му ветил поддршка на Пендаровски?
–Јавно го прашуваме Ахмети дали е вистина дека им наредивте на општинските организации да организираат бојкот на вториот круг од претседателските избори, иако се сретнавте со Пендаровски и му ветивте поддршка? Ако ова е вистина, кажете ѝ на јавноста зошто не ги бојкотиравте претседателските избори во 2019 година? Што се смени од тогаш?
Дали стравот од неуспех ви го заматува видот? Или по наредба на руските центри на власта сакате да спречите новото парламентарно мнозинство да обезбеди уставни промени во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада? – праша Меџити.
Во однос на тоа реагираа од ДУИ и Европскиот фронт, изразувајќи загриженост за, како што велат, валканиот речник на Меџити и албанската опозиција.
Истовремено, ги повикуваат граѓаните да не „станат плен на мрачните и дестабилизирачки агенди со центар во Белград и Москва“.
„Повикуваме на масовност на граѓаните на 8 мај за да се спречи враќањето на полициската држава и истовремено да се завери длабоката историска победа на ДУИ и Европскиот фронт“, велат од ДУИ, посочувајќи дека Европскиот фронт ќе освои над 20 пратеници.
И од владејачкиот СДСМ преку соопштение ги повикаа граѓаните масовно да излезат на изборите и да гласаат за „иднината на државата“.
Од партијата нагласуваат дека во рацете на граѓаните е изборот дали ќе следи „уште една лоша реприза од тоталитарното владеење на Никола Груевски и неговата криминална екипа, или заедно со СДСМ ќе имаме слободна, просперитетна и европска иднина“.
„Потребен е силен СДСМ во Собранието, да не се дозволи повторно инсталација на режим од страна на ДПМНЕ и играње со иднината, стабилноста и безбедноста на државата. Доколку десничарска партија како ДПМНЕ добие преголема моќ, извесно е дека ќе се стави крај на европските перспективи, независните медиуми и независното судство“, порачаа од партијата.
Влатко Стојановски