Македонските претставници на 20-то издание на Детска Евровизија, Лара, Јован и Ирина вчера ја имаа својата прва проба на сцената во Ереван. Тие настапуваат со песната „Животот е пред мене” чиј автор е Симон Трпчевски, продуцент Дарко Димитров, а текстот е на Јован Трпчески и Лара Трпческа. Јуниорскиот Евросонг ќе се одржи на 11-ти декември, со почеток од 16 часот, а нашите претставници добија голем број на комплименти по објавувањето на песната.
На официјалната страница на Јуниорскиот евровизиски натпревар на Јутјуб, нивната песна веќе има 263 илјади прегледи. Според бројот на прегледи на видеото, досега најмногу има Ерменија и нивната претставничка Наре, дури 1,2 милиони, а зад неа се Грузија и Полска со околу половина милион прегледи. Лани, на настанот македонски претставници беа Кристина, Анастасија, Миха и Филип, тинејџерите од популарната телевизиска серија „Дајте музика“ на МРТ. На сцената во Париз со песната „Green forces“ тие го освоија деветтото место.
Песната уште кога беше промовирана предизвика одлични реакции и имаше над милион прегледи на Јутјуб, а јавноста предвидуваше висок пласман. Сепак, на изборот победи Малена од Ерменија со песната ,,Qami, qami”, која освои 224 поени. Македонија лани освои 114 поени.
Вики Клинчарова