Нема да ја откријам Америка сосе Атлантида ако кажам дека Груевски никако не се вклопува во калапот на оние политичари од стар маштаб, кои просто кажано знаат да шармираат кога зборуваат. Дури уверен сум дека тој и тоа како е свесен за овој недостаток и вложил многу, а профитирал уште повеќе во промоцијата на себеси како непосреден човек и дете од фамилија во која се возел исклучиво „сто кец“ заработен од плата, на рати и со скокање на годишни одмори во Буљарица!
Впрочем затоа кога стана премиер не се пресели на Водно и баш од истите причини во една прилика одеше пеш од дома до работа под будното око на камерманите од А1 телевизија, ако некој воопшто ја помни таа антологиска снимка. Постара и од легендарните молитви на Ниче Македон!
Груевски никогаш не бил познат по фразите, нема да го помниме по некоја силна реченица, ниту, пак, некој ќе го цитира во учебниците по политички науки или во текстовите на прочуените колумнисти.
Тој знае скромно, со став на пионерче пред „Хеј Словени“, да си ги спои прстите од двете дланки, да ја наведне на десно главата и со наштиман глас и со наивно подигнати веѓи да каже оти негово е да остварува, а не да зборува. Сработил многу, можел и повеќе, ама ете и за ова што го постигнал народот го наградува од избори на избори. Значи, пет на четири – момак!
И не очекував поинаков Груевски кога денеска го читав неговото интервју за МИА. Како и секогаш, си зборува простум на убаво сервирани прашања, забива од прва во противничката половина, сигурен дека нема кој да му ја врати топката од другата страна. Тука е неговиот препознатлив и приемчив стил, за Црвенковски вели Бранко, за Рамковски само Велија и си велам – па добро, нели таков си е, непосреден ко пред гранапче, ко пред тетките му на софра за Св.Никола, затоа и го сакаат луѓето.
Арно ама, неколку реда подолу ме дочека шок! Кога овој наш стар Никола почна да разглаба за „надуваните“ проблеми во медиумите, аргументацијата му се качи на неколку нивоа погоре, небаре зборува од врвот на Џеваир-кулите. Така наместен одозгора извади фраза од џебот и вели дека „не се согласувал со тезите за провладини медиуми“. Внимавајте, Груевски не вели дека во Македонија „нема провладини медиуми“, онака едноставно за да разберат сите, ами откачува небаре академска фраза дека, повторувам, „не се согласувал со тезите за провладини медиуми“!
Да пукнам ако грешам, ама мислам дека и Груевски нема „три чисти“ да го каже јасно и разбирливо тоа што сака да го прати како порака или подобро кажано како спин. Јасно му е дека никој нема да му верува во приказните дека во Македонија нема провладини медиуми и оти баш тие не се предоминантни, освен, пардон, ако не мислел на провмровски. Тие галиба се најбројни!
Шегата настрана, не е тој толку наивен да каже нешто во кое и самиот длабоко не верува, не е толку недоделкан отворено да зборува небулози, а не е ни чудно да внимава да не му се налутат провладиниве!
Како може да ги нема, кога ударнички 24/7 работат за „каузата“, а некои од нив и напишаа дека „негуваат провладина уредувачка политика“!
Груевски, всушност, уште еднаш докажа дека кога некој нема како да се одбрани, кога нема што да каже во своја полза, се фаќа за празни фрази кои во суштина ништо не значат. И тоа во интервју на свој терен, без спаринг партнери!
Инаку и јас не се согласувам со тезите за провладини медиуми, тие не се тези, тие се срамна реалност која сите нас побајаги нѐ чини! Еве само што завршија изборите, Груевски заклучил дека сме лоши шофери и сега преку скапите владини реклами ќе нѐ оправа! Или ќе нѐ вози, како сакате!