Вчера во светот, а и во земјава се одбележа 3. Декември, Интернационалниот ден на лицата со попреченост.
Во етерот во тек на целиот ден се вртеа пораки за потребите на овие лица, потребата за нивна инклузија, како и потсетувања на потешкотиите со кои секојдневно се соочуваат.
Но, и покрај ветувањата за стремеж за подобрување на нивниот живот, како и изразувањето поддршка, како од поединци, така и од големи приватни компании и јавни установи, сепак и вчера не се најде филантроп или пак општествено одговорна компанија во земјава, која ќе го купи фустанот изработен од страна на дечиња со попреченост и дечиња од градинка.
Средствата од продажбата првично беше планирано да се наменат за купување на климатизација за дневен центар за лица со попреченост. Откако не се продаде, дури и на вчерашниот ден, климатизација за центарот обезбеди компанијата Аџико Хоум Центар, од каде информираат дека фустанот ќе биде изложен во нивните продажни салони, подготвен за лицитација.
Средствата од неговата продажба ќе биле донирани на Здружението на лица со попреченост „Сплотени срца“ и наменети за она кое им било најпотребно во моментот.
Инаку, фустанот го носеше пејачката Марија Атанасова на фестивалот за забавни мелодии „Макфест“ во Штип. Беше декориран и дизајниран од деца од градинката „Астибо“, како и од деца со попреченост.
Сите кои сакаат да го купат, можат да напишат сума која ја нудат на профилите на Марија Атанасова или пак на Аџико Хоум Центар, а на 19-ти декември, оној кој понудил највисока сума ќе стане сопственик на фустанот.
Вики Клинчарова