Меѓу хоспитализираните пациенти кои се целосно вакцинирани има пациенти кои примиле и „Синофарм“ и „Фајзер“, но и некои кои во странство примиле „Модерна“, вели министерот за здравство, Венко Филипче кој тврди дека нема некоја разлика во тоа со која вакцина биле вакцинирани граѓаните кои потоа сепак биле хоспитализирани.
На прашање колку од сега хоспитализираните имале претходно прележано Ковид-19, Филипче одговори дека за овој одговор треба да провери, но се повика на студија од САД, според која, од вакцинираните се заразиле 0,07 проценти, додека од прележаните се заразиле околу 1,2 проценти. Според него, тоа укажува на тоа дека прележаните се во многу поголем ризик од вакцинираните.
Тој вели дека осум проценти од луѓето кои починале од Ковид биле вакцинирани со две дози, но тоа биле постари луѓе со сериозни коморбидитети.
Во однос на големиот број на смртни случаи, тој вели дека на секој пациент му се пружала максимална грижа, но дека дел од пациентите доаѓале касно со сатурација од 40, 50. Само вчера во земјава беа регистрирани 24 смртни случаи од Ковид-19. Според двонеделниот извештај на Министерството за здравство, 8 проценти од починатите во овој период биле вакцинирани.