Композиторот Ристо Вешков, по потекло од Кавадарци, а кој со децении живее во Америка, заедно со својата сопруга Цветанка ја примија првата доза од вакцината на Модерна против Ковид-19.
Вели дека воопшто не се двоумел и немал никаков сомнеж кога е вакцинацијата во прашање, и не може да сфати како на социјалните мрежи уште се пишуваат разни теории на заговор и наводни чипирања, додека светот се соочува со пандемија од невиден размер. Околу тоа како се одвивал процесот на вакцинирање во Њу Џерси, каде тој живее со семејството, детално ни раскажа.
-Јас имам 72 години, сопругата има 66. Воопшто не се двоумевме околу вакцинирањето, напротив, среќни сме што успеавме да се вакцинираме. Целата процедура овде во Америка се одвива без проблеми, телефонски се јавивме да закажеме, и го добивме терминот по четири дена.
Не прашаа дали имаме здравствени проблеми, дали примаме лекарства, дали ни е во ред притисокот… Ни пратија документ со точниот термин кога треба да ја примиме првата доза од вакцината, и ние бевме таму во договореното време, на пунктот за вакцинација.
Уште на влезот на паркингот не упатија каде да одиме, имаше премногу народ, но се почитуваше дистанцата од два метри растојание, се се одвиваше со ред, без проблеми. Имаше 30 кабини во кои се вршеше вакцинирањето.
Пред да ја примиме вакцината ни беше измерена температура, заедно со сопругата се вакциниравме, бидејќи е дозволено по двајца од иста фамилија да бидат заедно, почекавме во чекалната околу 15 минути, за да се увериме дека се е во ред, по што си заминавме дома – раскажува Вешков, додавајќи дека и други членови на неговото семејство веќе се вакцинирале.
Вели дека првите два-три дена по примањето на вакцината единствено чувствувал како да го каснала пчела, немал никакви други појави ниту пак проблеми.
-Со сопругата добивме потврди дека сме вакцинирани, медицинската сестра ни рече да ги снимиме на телефон, бидејќи тоа е еден вид на пасош за вакцинација, пасош за патување… Сега, на 15-ти април треба да ја примиме втората доза.
Околу вакцинирањето, искрено, среќен сум што имавме можност да се вакцинираме, би им препорачал на сите, да не чекаат, да не се двоумат. Мене не ми беше ниту важно со која вакцина ќе бидеме вакцинирани, тоа не е игра туку станува збор за наука на која секогаш сум и верувал.
Знам дека има поделени мислења, разни стравови околу целиот овој процес на вакцинација, секој си има право на свое мислење, но јас секогаш сум избирал да и верувам на науката и не сакам да се правам експерт за област која не е во мој домен. За жал, тоа пречесто го гледаме изминатиот период, социјалните мрежи се преполни со ,,експерти” на теми за кои ниту се школувале, ниту пак некогаш работеле на такви проблематики, во случајов медицината, ама ете, сите наводно знаат се. Сите кои имаат можност да се вакцинираат, да не чекаат, тоа е мојата препорака – изјави композиторот.
Вики Клинчарова