СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична приjава против Б.Ц.(40) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во својство на поранешен вршител на должноста директор на Казнено – поправната установа Затвор Струмица”, во текот на 2021, 2022 и 2023 година на затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т..
Имено, тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот. Во книгата за влез и излез од затворот, осудените лица не биле секогаш заведувани и по наредба на пријавениот се вршело бришење со коректор во книгата на други заведени осудени лица, а на нивно место се пишувал Л.К.. Исто така, Л.К. се водел во затворот иако во моментот бил надвор од државата.