Им кажуваа дека ќе ги фотографираат, а ѕверски ги убија-78 години од масакрот врз ваташките младинци

by fokus

Денеска во Кавадарци се одбележаа 78 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци. На споменикот подигнат во чест на 12-те деца од Ваташа кои беа убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор, со интонирање на химната започна чествувањето.

Голем број на граѓани, семејства на убиените деца, градоначалникот Митко Јанчев и претставници на политички партии присуствуваа на настанот, оддавајќи им почит на младинците, чие убиство во 1943 година го зави Тиквешко во црно.

Гореа 12 бакли од навивачката група Лозари, а беше истакнат и траспарент „Се уште врие крвта врела за 12-те ваташки чеда“.

Во Кавадарци сеќавањата на масакрот, и по сите изминати години се свежи и нема утеха за семејствата на убиените младинци. Колежот врз нив го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка. По тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија биле локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.

Уште вечерта на 15 јуни 1943 година низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот Симеон Втори и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Биле приведени младинци и девојки, кои кришум им помагале на партизаните. 12-те младинци и 4 девојки пеш биле одведени кон Моклиште, и додека фашистите барале соодветно место каде да ги стрелаат, им кажувале дека ќе ги сликаат.

Девојките биле тргнати на страна, а младинците биле изрешетани со куршуми од митралези, а потоа избодени со бајонети. Бугарските фашисти не им дозволиле на родителите да си ги погребаат децата, и ги прекриле со гранки. По војната бил организиран погреб.

Убиените младинци биле на возраст од 15 до 28 години. Перо Видев, 15 години, Ванчо Гурев, 19 години, Данко Давков, 18 години, Илија Димов, 18 години, Ристо Ѓондев, 18 години, Блаже Ицев, 20 години, Пане Мешков, 18 години, Герасим Матаков, 18 години, Ферчо Попѓорѓиев, 26 години, Васо Хаџијорданов, 28 години, Диме Чекоров, 20 години и Пане Џунов, 18 години се жртвите на незапаметениот злостор.

Со звуците на песната „Ми заплакало селото Ваташа“ заврши одбележувањето на годишнината од масакрот, а солзите во очите на присутните беа само уште еден потсетник дека за Кавадарци и по 78 години, нема утеха за крвавиот настан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости