Илон Маск изјави дека неговата компанија „СпејсЕкс“ веќе не може да го плаќа интернетот за Украина што го обезбедуваат сателитите „старлинк“. На самиот почеток на руската инвазија, Маск го активираше овој сателитски систем за да можат украинската војска и Украинците да имаат интернет.
Министерството за одбрана на САД потврди дека примило барање од Маск да го преземе финансирањето на интернет услугите во Украина. Предлогот се разгледувал, но засега не е донесена одлука.
„‘СпејсЕкс‘ не бара да се надоместат досегашните трошоци, но исто така не може во недоглед да го финансира постоечкиот систем“, напиша Маск на Твитер.
„Старлинк“ функционира така што обезбедува широкопојасен интернет преку мрежа на сателити и тој се покажа клучен не само за украинската војска, туку и за рестартирање на инфраструктурата по руски напади.
Маск вели дека програмата чини 20 милиони долари месечно и дека „СпејсЕкс“ досега потрошил 80 милиони долари за да ѝ помогне на Украина. Шефот на „Тесла“ во последно време ги расипа односите со Украина, откако, меѓу другото, предложи таа да ѝ отстапи територија на Русија.