Илјадници пациенти се лекувани и оперирани на диво во болницата на Јорданов!

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Низ вратите на „Ремедика“ поминале илјадници пациенти, дел на прегледи, а на голем дел од нив биле извршени и оперативни зафати. Но, „Фокус“ веќе објави дека во моментов „Ремедика“ ја тресе скандал, кој упорно 12 години се туркал под тепих од страна на надлежните институции.

Имено, оваа приватна болница, како што веќе објавивме, повеќе од една деценија работи во дивоградба, а истовремено има и забрана за вршење на здравствена дејност, која официјално со потпис и печат за првпат е ставена во 2019 година, а три години подоцна и се продолжува забраната и трае сè до денес.

Сепак, тоа не значи дека болницата на Јорданови ја почитува забраната. Тие без никаков проблем продолжуваат со работа, како да не постои тој документ.

Во моментов, единствено дозвола имаат за гинекологија и хирургија, но не за ортопедија, физикална медицина, ОРЛ, неврологија, педијатрија, дерматовенерологија… Тоа, во превод значи дека низ годините илјадници пациенти се прегледани и оперирани на диво.

И, оттука нормално се поставува прашањето – кој ќе одговара што болницата не е запечатена со жолта лента досега и министрите за здравство не им ја одзеле дозволата, со оглед на тоа што со години работат незаконски?

Или, пак, вината оди на сметка на ресорното Министерство, кое, и покрај многубројните барања на „Ремедика“, сè уште не излегле на терен и не го решиле проблемот?

Како и да е, пациентите се најмногу оштетени во приказната, бидејќи на тој начин животот им се изложува на опасност!

ПРЕКРШОЧНА И КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ

Според досегашните информации и документи со кои располагаме, веќе дојдовме до заклучок дека долгогодишното натегање на Министерството за здравство и „Ремедика“ се едни од главните причини за 12-годишното незаконско работење на приватната болница.

Забраната за вршење здравствена дејност сè уште е во сила, но општата болница не ја почитува, а, од друга страна, ресорното Министерство, ниту ја одзема дозволата, ниту, пак, наоѓа начин за решавање на овој децениски проблем.

Во неколку наврати досега беше ставен клуч на приватни ординации, кои со години работеле на диво и извршувале операции, а не ги исполнувале соодветните услови.

Таков беше случајот од пред три години со ординацијата за пластична и реконструктивна хирургија „Др. Митановски“, која со години работела на диво, немала простор, опрема и кадар.

Тоа било истата 2019 година, кога инспекторите ставиле забрана за вршење здравствена дејност и на „Ремедика“, но во едниот случај е реагирано експресно, за разлика од другиот, каде што никој не мрднал со прст. Забраната засега фигурира само на хартија.

Не е мал бројот на приватни ординации што се уловени како работат на диво. На некои им е ставен клуч на врата веднаш, додека, пак, на некои сè уште им се прогледува низ прсти. Нели, законот важи за сите!

Поточно, надлежните институции знаат дека „Ремедика“ со години работи незаконски, но свесно ѝ дозволуваат да продолжи со лекување и со оперативни зафати.

Па така, дојде време малку да прочепкаме и низ Законот за здравствена заштита, според кој престанок со работа и одземање на дозволата за работа на здравствена установа постои во одредени случаи:

Дозволата за работа се одзема доколку не се исполнети условите во однос на опремата, просторот и стручниот кадар. Кога во определениот рок, кој не може да биде пократок од 45, ниту подолг од 60 дена, во зависност од времето потребно да се отстранат недостатоците, не ги отстрани недостатоците, утврдени со надзорот согласно со овој закон.

Во услови кога е изречена санкција за забрана за вршење здравствена дејноста заради неисполнување на условите за вршење на дејноста“ се наведува во Законот.

Но, во целата приказна не се изоставени и прекршочните одредби, за кои по последниот вонреден надзор во „Ремедика“ по цела една година не е направен нов надзор, поточно не е направена контрола на решението за забрана, за да се види дали се почитува дадената забрана.

ДСЗИ работи според годишен план за работа. Согласно тоа, инспекторите од ПО Гази Баба ќе извршат контролен инспекциски надзор, така што не станува збор дека „некој некого ќе испраќа“.

Се работи за точно утврден план и динамика на работење, земајќи ги предвид сите околности“, се наведува во одговорот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Сепак, прекршочните одредби од Законот за здравствена заштита, кои се однесуваат на правното лице, во случајот „Ремедика“, налагаат казнена глоба од 3.000 до 6.000 евра:

Во случај кога врши здравствена дејност без дозвола за работа“, продолжува понатаму во Законот.

Од друга страна, нашите извори тврдат дека приватната општа болница досега не платила никаква парична казна.

Ова е делот со прекршочните одредби. Но, Законот уште предвидува и кривична одговорност, и тоа само за физичко лице, но не и за правното лице:

Здравствен работник, односно соработник што дава здравствени услуги во простор за кој нема дозвола за работа, кривично ќе одговара и ќе се казни со затвор од најмалку четири години“, се предвидува во Законот за здравствена заштита.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости