Хрватските опозициски лево-либерални партии денеска од протестот на плоштадот Свети Марко во Загреб најавија дека доста е од корупција, лаги, криминал и Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и дека Хрватска е зрела за промени.
Според оценката на хрватските медиуми, на протестот „Доста е! Одиме на избори!“ се собраа повеќе од 5.000 граѓани, а причина за тој собир што го организираа 11 опозициски парламентарни партии беше неодамнешното назначување на Иван Турудиќ за главен државен обвинител.
Претседател на Социјалдемократската партија Пеѓа Грбин и координаторката на Можемо!, Сандра Бенчиќ по протестот рекоа дека најважната порака на граѓаните е дека им е преку глава од корупција, лаги, криминал и ХДЗ. Тие додадоа дека ова е само почеток на приказната, а не крај.
„Следната недела во Собранието разговараме за распуштање. Толку се плашат што првиот пат не не известија кога ќе се разговара. ХДЗ се плаши, а тоа е најважната порака од денес“, рече Грбин, пренесува ХРТ.
Според него, опозициските партии се уште не разговарале за можна предизборна коалиција.
„Она што е сосема јасно е дека Хрватска е зрела за промени, а ние имаме огромна одговорност да направиме нешто околу тоа. Дали ќе биде заеднички настап, не можам да одговорам во моментов, но можам да кажам дека ќе има одредени разговори“, изјави Грбин.
Опозицијата бара итно распуштање на Собранието, поради што во петокот достави потписи таа точка да се стави на дневен ред.
Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека не го следел протестот, бидејќи утринава бил на Минхенската безбедносна конференција, но рече дека Хрватска е демократска земја во која секој може да каже и мисли што сака, во рамките на законот.
„Значи, начинот на кој можам да го доживеам е собир на радикалната левица, која е осум години во опозиција, и на оние кои ги поддржуваат. Пораките беа вулгарни, примитивни, во стилот на Милановиќ, кој ја спушти културата на политички дијалог, а сега секој мисли дека може да навредува како што сака“, рече Пленковиќ, пренесе Јутарњи лист.
Според N1 Загреб, на протестот било приведено едно лице, а полицијата интервенирала затоа што некој од учесниците активирал пиротехничко средство, односно димна бомба.