Околу 30.000 луѓе се евакуирани од своите домови и хотели на грчкиот остров Родос откако пожарите зафатија големи делови од островот. Во изјава за Би-би-си, грчката противпожарна служба се извини за, како што го нарече „хаосот“ на островот.
Пожарникарите ги опишуваат пожарите како најтешките со кои се соочиле. Имено, од вторникот островот е погоден од пожари поддржани од силни ветрови. Повеќе од 3.500 луѓе беа евакуирани по копно и море на безбедно. Според информациите од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита во Грција, нема пријавени повредени.
Ветровите и огнениот фронт долг девет километри од центарот на островот до источните плажи создадоа екстремни услови, изјави портпаролот на противпожарната служба Василис Вартакојанис.
„Ова не е пожар што ќе се изгаси утре или задутре, ќе треба да се справуваме со денови“, додаде Вартакојанис.
Заменик-градоначалникот Константинос Тараслиас објасни дека ветерот утринава се завртел за 180 степени и огнот се засилил и се протега на километри кон туристичката зона. Министерството за надворешни работи соопшти дека е активирано кризното управување за евакуација на странски државјани.
Во гаснењето на пожарот на Родос се вклучени околу 200 пожарникари и пет хеликоптери. Во моментов се води битка за гаснење на пожарите во Лаермон и Лардос. Во внатрешноста на островот пожарот стигнал до градот Лаерма каде горат куќи и црква.
Јоргос Хаџимаркос, регионалниот гувернер, рече дека тековната операција за евакуација била забавена поради пожарите кои пресекле некои патишта. „Нашата цел е да ги заштитиме животите на луѓето“, рече гувернерот.
Туристите и некои локални жители се преместени во спортски сали, училишта и конференциски центри на островот и ќе останат таму во текот на ноќта додека пожарникарите продолжуваат да се борат со пожарот. Евакуираните туристи се сместени на три фериботи закотвени во пристаништето Родос.
Пожарникарите велат дека туристите се безбедно евакуирани од погодените области на Родос – кои претставуваат помалку од 10% од туристичкото сместување на островот – и се пренасочени во други хотели на островот. Три хотели во областа Киотари пријавија штета од пожар.
Приватни чамци и се придружија на грчката крајбрежна стража за да помогнат во евакуацијата на луѓето од плажите на истокот на островот. Тие објавија дека бродови на грчката морнарица пловеле и кон областа популарна кај туристите.
Некои од евакуираните се сместени на затворен стадион на островот, според заменик-шефот на островот. Артофиос додаде дека пожарникарите често имаат потешкотии на Родос поради неговата богата вегетација, што го прави атрактивна туристичка дестинација.