Тиквешијата забрзано се празни, а угостителите се во паника, бидејќи не можат да најдат работници. Секојдневно се објавуваат огласи за вработување на келнери, шанкери, готвачи, но интерес, посебно за летниот период – нема.
Причината за тоа се понудите за сезонска работа надвор од земјава. Како најчести дестинации кои ги избираат граѓаните на Кавадарци и Неготино се Хрватска, Австрија, Германија, па и Америка.
Според првичните податоци, околу 500 лица од Неготино наскоро ќе заминат на работа во некоја од овие земји, претежно во Хрватска. Оние со кои разговаравме, категорични се дека ова е одлична шанса за заработка.
-Келнери, собарки, готвачи, се бара работник повеќе во Хрватска. Обезбедено е сместување и храна, цели туристички комплекси вработуваат луѓе од Македонија. Платите се движат од 1.000 евра за шанкери, собарки, продавачки на сладолед и слично, плус бакшиш, а за готвачи се нуди месечна плата и од 2.000 евра па нагоре.
Јас веќе неколку години одам на сезонска работа во Хрватска, како собарка, заминувам во мај, се враќам на крајот на септември. Самохрана мајка сум, работев како службеничка во приватна фирма овде, но со плата од околу 350 евра не може да се има добар живот.
Сега, последниве години, работам пет месеци во Хрватска,а со заработените пари потоа живеам останатите седум месеци во Македонија. Тешки се разделбите со семејството, но потрагата по подобар живот си го направи своето –раскажува жена од Неготино.
Голем е бројот и на студенти од Тиквешијата кои минатата година биле на работа во Хрватска, и сега без двоумење повторно ги подготвуваат документите потребни за заминување.
-Работев во слаткарница, вели нашата соговорничка, месечно добивав околу 1.300 евра плата. Во јуни повторно заминувам, оваа година и повеќе мои колешки од факултет ќе дојдат да работат. За млади луѓе во своите 20-ти години, да се вратат дома со заработка од четири или пет илјади евра, за нашиот македонски стандард, тоа е сосема доволно. Во Хрватска имаме време и за работа, но и за одмор, раскажува студентката со која разговаравме.
Покрај студенти, голем е и бројот на оние кои решиле заедно, со цело семејство да заминат на сезонска работа.
Кавадаречка фамилија, родители со три возрасни деца велат дека месечно ќе имаат заработка од 10.000 евра, сите заедно. Веќе нашле вработување во угостителски комплекс, каде покрај платата од 2.000 евра, добивале и бесплатно сместување и храна.
-Тоа е сума која овде, колку и да се трудиме, не можеме да ја заработиме. Реалноста е таа, и без двоумење веќе во мај заминуваме сите заедно- раскажува кавадарчанецот.
Голем број на млади луѓе ќе го поминат летото работно во ресторани на Мекдоналдс во Германија, Австрија, но и интересот за сезонска работа во Америка не е мал.
Изминативе неколку недели, секојдневно се вадат потребните потврди од институциите, и се комплетираат документациите потребни за работа во странство.
Судијата и професор Лазар Нанев, претседател на Основниот суд во Кавадарци, за ,,Фокус” вели дека бројките на оние кои побарале уверение за неосудуваност, бидејќи им е потребно за работа во странство, не е за занемарување.
Тој открива дека само од јануари до март се издадени над 400 уверенија на лица од Кавадарци, со цел да се стекнат со право за работна дозвола во друга земја.
Се очекува во наредниот период овие бројки значително да се зголемат, посебно во месеците мај и јуни, пред екот на работната сезона и Кавадарци да остане без најмалку 1.000 свои граѓани, кои водени од потребата за подобра заработка ќе заминат во странство.
Од досега издадените уверенија на кавадарчани, најмногу биле наменети за работа во Хрватска, над 220, но имало и доста за Словенија, Германија, Австрија, Америка, Франција…
Плата од 1.000 евра за хигиеничари, 2.000 евра за кувари, 1.500 евра за помошници – кувари, 1.200 евра за келнери, 1.400 евра за коктел мајстори, 1.300 евра за правење на палачинки, 1.000 евра за шанкери, 1.300 евра за продавачки во пекара, 1.600 евра за пица мајстори, 1.500 евра за скара мајстори, плус бонуси, сместување, осигурување, работна дозвола и оброци, тоа се најчестите огласи кои ги има во огромен број на интернет групите за вработување во Хрватска.
Работните места најчесто се отворени од средината на април, па се до октомври.
Се бараат и плочкари, таксисти, ѕидари, заварувачи, молери, водоинсталатери…
И додека многумина од Тиквешијата ги пакуваат своите куфери, остануваат загрижените сопственици на угостителски локали, кои не можат да најдат персонал, и горко шегувајќи се на своја сметка велат дека овде келнерите ќе станат лица со најбарана професија.
Вики Клинчарова