Откако претседателот Стево Пендаровски предложи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, како и други бугарски државјани за кои постојат сомневања дека имаат за цел нарушување на безбедноста и дестабилизација на односите со Бугарија, да бидат прогласени за персона нон грата во Македонија, и да им биде забранет влез во земјава, се огласија и од бугарската Фондација Македонија.
Од таму, не појаснуваат дека станува збор за неколку Бугари, кои претседателот предложи да се најдат на листата на непожелни личности, а одлуката за нивни забранет влез треба да ја донесе Владата, односно МВР, туку објавија дека Пендаровски наводно изјавил дека нема да се пуштаат луѓе од Бугарија да ја преминат границата, за да се поклонат на гробот на Гоце Делчев.
-Јас да ви кажам на сите вас, планирајте си во сабота на четврти февруари сите да сте во Скопје, да се поклоните на гробот на бугарскиот национален револуционер Гоце Делчев! Таа изјава на Пендаровски ги руши билатералните односи и е повеќе од непријателска за Бугарите и Бугарија, тој ќе ни забранувал да се поклониме на гробот на Гоце, на денот на неговото раѓање! Организиравме транспорт, кој нема транспорт да ми се јави! Во сабота, на четврти февруари, пред гробот на Гоце треба да сме илјадници Бугари – објавено е на страницата на фондацијата.
Инаку, фондацијата Македонија е основана од страна на Бугаринот Виктор Стојанов во април 2021 година, со влог од сто лева. Пред десеттина дена, фондацијата објави дека организира бесплатен превоз до Скопје, за Бугари кои ќе учествуваат во чествувањето на револуционерката Мара Бунева. Потоа информираше дека пет автобуси и над 100 возила со Бугари пристигнале во Скопје, за масивно да и оддадат почит на Бунева.
-Мојот предлог до Владата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во земјата на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност пред два дена.
Вики Клинчарова