Поранешниот албански претседател Илир Мета, сега лидер на Партијата на слободата, денеска на Фејсбук напиша дека „никој не треба да се грижи за неговото презиме кое било и е Метај“.
Ваквиот став на Мета доаѓа откако Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) побара податоци од Управата за матична евиденција за неговите генералии.
– Јас сум и секогаш ќе бидам Илир Реџеп Метај, роден на 24 март во Чепан кај Скрапар и немам причина не само да не се гордеам со моето име, туку и со моето презиме, наведе Мета.
Мета, чиј петгодишен мандат заврши на 24 минатиот месец не дава објаснувања зошто за пет години на чело на државата потпишаните укази се со Илир Мета, а не со Илир Метај.
Од друга страна пак, Петрит Васили, еден од неговите најблиски соработници, порача дека загриженоста за промена на името или презимето треба да се упати до премиерот Еди Рама.
– Во 2002 година, Еди Рама официјално го промени своето име од Едвин Кристаќ Рама во Еди Рама. Единствениот човек што го имаме на највисоките нивоа на политиката и со многу голем формално-правен проблем, бидејќи исто така е предмет на законската регулатива да се проневери државна функција преку измама со генералите е најтипичен случај што го имаме е Еди Рама, напиша Васили.
Минатата недела беше објавено дека СПАК почнало истрага против Мета за непријавено лобирање од 700.00 долари во САД, кога беше претседател на Парламентот.