Илир Мета: Посилен сум од кога и да било

by Fokus

Поранешниот албански претседател и лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, во првата реакција по апсењето, од затворски притвор, порача дека е „посилен од кога и да било”.

„Најискрено им благодарам на сите членови на Партијата на слободата за извонредната поддршка што ми ја дадоа досега. Исто така, од денес нашата борба започнува нова страница во соочувањето со брутално инсталираната нарко-држава без никаков компромис“, напиша тој на социјалните мрежи.

Убеден сум, додаде тој, во победата на нашите национални и демократски каузи!

„На непријателите на нашата нација и демократијата ќе им замрзне насмевката на усните. Моето денешно киднапирање на најнасилнички начин ја покажува паниката на диктаторскиот режим од соочување со вистините. Ве уверувам дека откако дознав за одлуката за моето апсење, се чувствувам посилно од било кога и уште повеќе верувам во мојата целосна невиност. Се чувствувам горд што бев насилно киднапиран од анти Албанци и оние кои говорат албански само поради мојот патриотизам и заштита на националните интереси“ – напиша Мета.

Медиумите пренесоа дека во затворот во Тирана, Илир Мета го посетил неговиот син Бесар Мета и адвокатот Генц Ѓокутај, кој е адвокат и на Сали Бериша.

Поврзани новости