Илинденски патрдии

by fokus

Решението за мачните слики на неединство на денот Илинден не е упорното посегање по невозможното, единството, туку во одвојување на политичарите од народот, како во сите демократски држави.

пишува: Денко МАЛЕСКИ

Триесет години сонуваме за единство барем на Илинден, големиот празник на македонскиот народ и на другите национални заедници во нашата држава.

И никако да разбереме дека такво единство не е можно во услови на демократија. Имено, демократија никогаш не била околу единство туку за давање на легитимитет на несогласувањето. Демократијата бара, се разбира, владеење на правото, особено кога се работи за слободни и фер избори.

Но, демократијата не бара единство на идеологии, на политички погледи или наративи кај политичките партии или кај гласачите. Демократијата го отсликува несогласувањето во општеството. Сакаме и натаму да го пресликуваме тоа неединство и на Илинден на Мечкин камен?

Во демократиите, па и во македонската демократијата, нема никогаш да имаме единство на партии и на наративи. Заборавете ги времињата на еднопартискиот систем.

Нашите опозициски партии, како и во секоја демократија, опонираат, се спротивставуваат на политиките на владата, вклучувајќи ги и оние кои самите ги промовирале кога биле на власт. Некој таа пракса ја нарекува опозиција заради опозиција, но и тоа е демократски, зашто демократијата значи легитимизирање на опонирањето, а не единство.

Затоа ниту еден политичар не може да бара или да обезбеди такво единство, а ако ветува такво нешто лаже за да дојде на власт. Оттаму, обидот да се изгради единство , па и на Илинден нема да успее. Ќе надвладее неединството, а нашиот народ и неговите политичари не се познати по способноста да знаат до каде да одат во несогласувањето.

Затоа, решението за мачните слики на неединство на денот Илинден не е упорното посегање по невозможното, единството, туку во одвојување на политичарите од народот, како во сите демократски држави. Никому не му паѓа на памет да органзиира митинг на американскиот претседател Бајден со отворен пристап за приврзениците на Трамп кои, кршејќи се пред себе, го окупираа Конгресот.

Зошто би било поинаку со приврзениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го сторија истото со македонскиот парламент. Значи, решението е во одвојување на политичарите од народот. Да има само единствена прослава на Мечкин камен во Крушево.

Претпладневниот дел да биде резервиран за државните функционери и дипломатскиот кор каде што премиерот или претседателот ќе зборуваат за својата политика која добила мнозинство на избори.

Попладневниот дел би бил општонардона веселба со учество на истакнати уметници околу чија програма би се „обединиле“ разните полтички наративи на заедничка прослава. Да изложувате делови од народот, во директен контакт, на политички наративи со кои не се согласува е рецепт за несреќа.

Политичарите да бидат со народот во модерни времиња е да има директен пренос на телевизијата. Само толку.

 

 

 

 

 

Поврзани новости