Познатата алпинистка Илина Арсова (40) од неодамна престојува во Тенеси, Америка. Причината за заминувањето не е освојување на нов планински врв, туку како што појаснува таа, започнала да работи како професорка на Универзитетот Тенеси, од каде добила и стипендија за докторски студии.
Во видеото кое го објави, таа раскажа дека одлуката да замине не била лесна, најмногу поради семејството, како и нејзиниот партнер, шоуменот Игор Џамбазов (59).
-За сите пријатели и фанови праќам мал поздрав од Ноксвил, Тенеси. До сега не стигнав официјално да споделам дека добив престижна стипендија за докторски студии и инструкторска позиција на Универзитетот од Тенеси. Оваа одлука не беше лесна во поглед на љубовта и фамилијата која ми недостига во секој миг, сепак овој мој нов Монт Еверест, долго беше на листата па еве му дојде редот. Искрено им благодарам на најблиските и мојот драг Игор Џамбазов за целата поддршка во овој момент, новите почетоци никогаш не се лесни. Знаењето е нашето најголемо богатство, па никогаш не престанувајте да учите- порача Арсова.
Јавноста дозна за врската помеѓу неа и Џамбазов во 2020 година, кога започнаа да обавуваат заеднички фотографии. Само неколку месеци пред тоа, Игор изјавуваше дека во неговиот живот нема место за жените. За љубовта која се родила помеѓу нив, и двајцата јавно раскажуваа.
Околу тоа колку долго ќе остане во Америка, Арсова не сподели детали. Во меѓувреме, Џамбазов е доста активен кога се настапите во прашање, и изминатиот период гостуваше во многу локали, како и на повеќе општински манифестации.
Вики Клинчарова