Илијовски: Потребни се крупни и системски чекори за реформирање на ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

Илија Илијовски е еден од најекспонираните советници во Советот на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше и претседател на партискиот општински комитет во Центар, но неодамна беше разрешен од оваа партиска функција, како поддржувач на иницијативата за реформи и демократизација на партијата. Илијовски за Фокус вели дека секогаш ќе остане дел од ДПМНЕ, меѓутоа истовремено додава дека партијата треба да се реорганизира и реформира во интерес на, според него, сите членови и поддржувачи.

ФОКУС Како отсега ќе се однесувате во советот на Општина Центар?
ИЛИЈОВСКИ Јас сум дел од ВМРО-ДПМНЕ и секогаш ќе останам дел од мојата партија. Во случајов делував, делувам и до крајот на мојот мандат како член на советот на општина Центар, избран од граѓаните на општина Центар на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ќе делувам како член на советот на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

ФОКУС Кои се вашите очекувања во однос на идниот развој на работите во ВМРО-ДПМНЕ?
ИЛИЈОВСКИ Се надевам на се најдобро и во интерес на членовите и поддржувачите на мојата партија. Се што деновиве се случува во врска со иницијативата за внатрепартиски реформи има цел да се направат крупни и системски чекори кон реформирање и реорганизирање на партијата во интерес на сите членови и поддржувачи.

ФОКУС Дали верувате дека може да биде инклузивен претстојниот процес на реорганизација и освежување на партијата?
ИЛИЈОВСКИ Сметам дека најавата на претседателот Никола Груевски е јасен чекор дека на нашата партија и треба освежување, реорганизирање и реформирање. Секако сметам дека сите идеи се добредојдени во тој неминовен процес кој единсвено може да се спроведе во целост и вистински со општа и сигурна инклузија на сите членови и поддржувачи на партијата.

В.С.

Поврзани новости