Илијевски: АСОМ нема да прифати нов закон на штета на индустријата и играчите

by fokus

Преку наводна заштита на малолетници од обложувалници и коцкарници, Владата на шверцерски начин, сака да го протурка новиот Закон за игри на среќа, вели претседателот на АСОМ, Васко Илијевски кој во интервју за Локално објаснува дека Асоцијацијата во повеќе наврати предлагала регулација и законски измени во таа насока, но никој од надлежните немал интерес да ги слушне.

Илијевски посочува дека членките на АСОМ се високо професионални и доследни во почитувањето на законите. Тој наведува дека тие поддржуваат унапредување на легислативите, но не без дебата и не на штета на индустријата и играчите.

„Ние сме подготвени и отворени за дебата, нашата цел е да се изнајде законско решение прифатливо за сите засегнати страни. Најавените измени во неколку наврати ги дефиниравме како неприфатливи и кобни за индустријата на игри на среќа. И во оваа прилика ќе повториме дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулиран со Закон, а казните за непочитување на овие членови се високи и ние најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ниту АСОМ, ниту нашите членки, немаат никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години и правиме сè за максимално и бескомпромисно почитување на законот“ вели Илијевски во интервјуто.

Од АСОМ сметаат дека заштитата на малолетниците, Владата треба да ја спроведе преку законски измени во насока на едукации, активности за превенција, засилени контроли, казни како за приредувачите така и за родителите или старателите на малолетните лица. Од Асоцијацијата посочуваат дека во законот треба итна регулација и либерализација на пазарот на онлајн игри на среќа. Тој во моментов е монополизиран, а со новиот закон воопшто не се предвидува либерализација.

„Онлајн играњето е уште подобро регулирано во смисла на злоупотреба од страна на малолетници бидејќи сите уплати и исплати одат преку банкарски сметки. Можности за злоупотреба се речиси непостоечки. Во изминатите години во неколку наврати на ЕНЕР поднесувавме издржани анализи и предлози за тоа како во целост да се унапреди индустријата, заштитат малолетниците, но и генерално намалат евентуалните негативни последици од игрите на среќа, бидејќи тоа е пред сè во наш интерес. АСОМ годишно вложува големи средства во едукација на играчите, кампањи за подигнување на свесност од штетни последици и други активности. Институциите се целосно глуви на овие конкретни и функционални предлози и стратегии кои се пракса во сите развиени земји“ вели претседателот на АСОМ во интервју за Локално.

Од АСОМ велат дека се отворени заедно со Владата партнерски да пристапат до носење ново законско решение со кое освен што ќе се зајакне легислативата, ќе се зајакне и самата индустрија.

Поврзани новости