Еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, охриѓанецот Илија Спасески не се чувствува виновен за делото кое му се става на товар. Нему му се суди за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“.
Денеска во охридскиот суд со сослушување на сведоци и изведување на докази започна судењето за случајот Пендиков.
Оштетениот и денеска не се појави во судница, а неговиот адвокат соопшти дека тој не можел да допатува поради здравствени проблеми.
Спасески е обвинет за настанот што се случи на 19 јануари во кој секретарот на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид, Пендиков, беше претепан, а според обвинението на тепачката и претходеле навреди по национална основа во кафеана.
Наводно Спасески му рекол на Пендиков „Не ти е срам да се пишуваш Буагрин“.
Одбраната рече дека оштетениот во текот на истрагата неколкупати ги менувал исказите во врска со напаѓачите, а адвокатот на Спасески, Димитрија Цобоски смета дека ниту видео записот кој се презентираше пред судот не потврдува дека Илија е учесник во настанот и го повредил оштетениот.
Обвинителството поднесе обвинение против Спасески, инаку наставник по професија, а уште едно лице кое учествувало во тепачката и трето лице кое гледало и било сведок на настанот, не се достапани за органите на прогонот.