Илија Мелоски беше најсреќниот меѓу 50-те верници кои денес се обидоа да го фатат светиот крст во водите на базенот „Расадник”, кои претходно беа осветени.
Од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тој доби икона и парична награда, а од повеќе општествено одговорни компании и други награди.
– Бог се јави браќа и сестри! За мене и за сите православни верници ова е многу значаен и величествен ден, кога го славиме крштевањето како една од Светите тајни на Христијанството, го чествуваме зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. За мене посебен, бидејќи денес е мојот именден. Масовноста и сплотеноста на мојот народ која денес ја гледаме е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме – да ја возобновиме традицијата во Кисела Вода за положување на Крстот во осветената вода.
Ги поздравувам и им се заблагодарувам на сите кои денес најпрво беа дел од литијата што започна од храмот Св. Ѓорѓи, се заблагодарувам на свештенството кое го предводеше овој убав настан во духот на нашата вера и традиција и на КУД “Китка” кои со својата песна овозможија настанот да има уште по традиционална и посвечена нота, им честитам на сите кои имаа храброст и се обидоа да го извадат Светиот Крст од водите. Посебна честитка до најсреќниот Илија Мелоски кој го фати светиот крст, му посакувам добро здравје, среќа и радост и од Бога благословена година за него и за неговото семејство, а ние заедно со неколку општествено одговорни компании се потрудивме да го запамети овој ден и по повеќе награди.
Му благодарам и за големиот гест на овој исто така голем ден, наградите да ги донира на оние кои имаат вистинска потреба. Да сте ми здрави и живи, а следната година повесели и помасовни – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.