Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски испрати отворено писмо до министерот за надворешни работи, Бујар Османи и го повика да не го прифаќа францускиот предлог.
-Замисли Бујар некој да ти предложи и да те пристиска, а ти, уште повеќе, да потпишеш и прифатиш дека:Прво, Албанците во Македонија не се ист народ со Албанците во Албанија, исто како што во “Преспа” пишува дека Македонците од Македонија и Македонците од Грција немаат ништо заедничко и не се исти. Второ, замисли да мора да прифатиш и потпишеш дека Енвер Хоџа ја создал албанската нација на вештачки начин, онака како што бугарското Собрание со својата Декларација од 2019 година тврди за Тито и Македонците.
Трето, еве помисли Бујар, како би ти било да треба да потпишеш и прифатиш дека Албанците во Македонија не смеат да го користат албанското знаме исто онака како што со Времената спогодба, а потоа и со “Преспа” забранувате и брусите онаму каде што има македонско шеснаесеткрако сонце. Четврто, би можел ли да замислиш ситуација во која ти или некој колега од ДУИ мора да прифати и потпише дека Ѓерг Кастриот е Србин, а Хасан Приштина е Турчин, како што нам Македонците ни се случува секојдневно благодарение на промашената политика на оваа Влада, те за Гоце Делчев, те за десетици други борци за слобода на Македонија, се вели во дел од писмото.
Според Димовски прифаќањето на францускиот предлог е навреда за Македонците, но и ќе го одложи, а никако нема да го забрза евроинтегративниот процес.
-Ако вашата Влада со СДСМ го прифати овој предлог ќе не навредите нас Македонците, но и ќе ја запечати секогаш шансата на Македонија да стане членка на Европската Унија, пишува Димовски.