Илиевски: Се надеваме дека ако не во кривична, тогаш во граѓанска постапка ќе се надомести штетата што ја претрпе Јанкулоска

by Fokus

Одбраната на екс министерската за внатрешни работи Гордана Јанкулоска задоволна од ослободителната пресуда за случајот со уништувањето на опремата за прислушување во УБК.

Јанкулоска, според адвокатот Влатко Илиевски, кој е сопруг и нејзин бранител, вели дека таа е една од најголемите жртви на прислушкувањето и се надева дека ако „не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкулоска ја има претрпено“.

Илиевски, во изјава за медиумите пред Кривичниот суд во Скопје, посочи дека од она што го слушнале при објавување на пресудата може да се заклучи дека Судот ги прифатил наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкулоска воопшто не постоело ниту умисла, ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството.

– Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди истата и понатаму се надеваме дека ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушкувањето, изјави Илиевски.

Јанкулоска, посочи Илиевски, немала добиено документација дека се уништува опремата за прислушкување, бидејќи кога е пратен извештајот дека опремата е уништена фактички веќе и не е министер.

Таа, според Илиевски, формирала комисија која што имала општ назив.

– Значи комисија која што требало да направи попис, процена и доколку е потребно да се уништи некоја опрема која што е технички нефункционална и неисправна да ја уништи. Меѓутоа, апсолутно не било наведено каква опрема ќе се попишува, а уште помалку дека треба нешто да се уништи. И се однесувало значи за опрема која што била во рамките на целата Управа за безбедност и контраразузнавање, изјави Илиевски.

Поврзани новости