Илиев: Скандалозен потег на Врховниот суд, се стави над законодавецот!

by fokus

Врховниот суд не смеел да да одлучува по иницијатива на адвокати со која бараат судот да толкува закон, бидејќи на овој начин се ставил над законодавецот. Нивниот потег е скандалозен, и досега не се случило вакво нешто.

Ова е коментарот на поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, за денешното начелно правно мислење на Врховниот суд, според кое СЈО можело да покренува обвиненија и да превзема предмети само во првите 18 месеци откако ги добило бомбите.

-И во минатото странки поднесувале иницијативи, но Врховниот суд немал надлежност да одлучува по нив. Право на тоа го имаат судиите за единствена примена на законите, но не и странки, бидејќи Врховните судии на овој начин се ставиле во позиција да судат, односно превземаат функција на судење. Судот се ставил над законодавецот, и претпоставувам дека тоа има своја позадина, дециден е Илиев.

Според денешната одлука, односно начелно правно мислење на Врховниот суд, по оддржана општа седница, врховните судии, не само што сметаат дека СЈО нема право да поднесе нови обвиненија по истекот на 18 месеци од добивањето на бомбите, туку не смее ниту да превзема предмети од редовното јавно обвинителство. Ова според одлуката на судиите значи дека СЈО, откако ги добило бомбите, смеело да води истраги и да поднесува обвиненија само првите 18 месеци, а секое дејствие остварено по овој рок да падне во вода.

-Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка, пишува во соопштението на Врховниот суд.

Според ова одлука, врховните судии сметаат дека СЈО нема надлежност да ги води предметите „Империја“, „Актор“, „Попис“ и уште многу други кои ги превзеде од редовното обвинителство.

Сепак, правниците и обвинителите кои ги консултираше „Фокус“, појаснуваат дека оваа одлука на Врховниот суд не е обврзувачка, и дека Врховниот суд не е надлежен да толкува закони, бидејќи тоа го може само Собранието.

Валентина Вурмо

Поврзани новости