Илиев ја одигра последната претстава, Катерина Коцевска откри – Диме беше очаен!

by Fokus

Актерот и режисер Диме Илиев ја одигра последната претстава и со бурни апалузи беше испратен од сцената на театарот завчера. По повод неговото пензионирање покрај него на бината му аплаудираа неговите колеги, додека пред бината публиката го награди со неколку минутно ракоплескање.

-Ми припадна должноста да му го предадам решението за пензионирање на Диме Илиев. Тој беше, благо речено, очаен. Очаен! Веќе беше на другата страна, но сосема непотребно, затоа што ние глумците немаме години. Овде со нас е и првиот директор на Драмски театар, господинот Ристо Стефанов, кој кога мене ме прими на работа над 30 години беше директор, а еве и јас сум речиси триесет и седум години на работа. Па, сите ние сме уште деца! Значи Диме нема веќе да зема плата, туку хонорар – порача неговата колешка Катерина Коцевска.

Пред присутните се обрати и Филип, синот на Диме и сподели неколку анегдоти поврзани со животот и кариерата на неговиот татко, како и режисерот Коле Ангеловски. Забавата се заврши со звуците на песната ,,Каде песно моја” на Славе Димитров, која беше една од носечките композиции во култниот филм ,,Исправи се Делфина” каде Илиев играше една од главните улоги.

Диме по потекло е од Неготино, а во 1975 година дипломирал на Факултет за драмски уметности – Скопје и се вработил во Драмски театар – Скопје. Има одиграно над стотина улоги во театарски претстави, во радио и ТВ драми, во играни филмови, а имал и неколку режисерски ангажмани. Зад него се улогите во филмовите ,,Сенки”, ,,Викенд на мртовци”, ,,Исправи се Делфина”, ,,Големата вода” и други. Има добиено и голем број на награди и признанија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости