Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 29 јуни до 5 јули 2020 година бележи намалување на бројот на новозаболени и починати, а зголемување на бројот на оздравени лица во споредба со претходната недела на известување.
Во овој период направени се вкупно 8.422 тестирања, а регистрирани се 917 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 186 случаи помалку од претходната недела. Во последните три недели бројот на новозаболени на неделно ниво бележи пад, како и процентот на позитивни случаи од тестирани. Во периодот од 29 јуни до 5 јули овој процент изнесува 10.9 отсто.
Регистрирани се случаи во 25 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (45.9 отсто) и во Тетово (10,3 отсто). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години, потоа лица од 50-59 години. Забележано е благо намалување во однос на претходниот период кај лица помеѓу 40–49 години и благо зглемување на процентот кај лица помеѓу 30-39 и 20-29 години. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа од 0-9 години.
Од случаите во овој период кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 113 лица или 13,4 отсто што претставува намалување за 4 проценти во однос на претходната недела на известување, а кај 205 лица или кај 25 проценти регистрирано е присуство на коморбидитети.
Во периодот 29 јуни до 5 јули, регистрирани се 46 смртни случаи, што е 11 помалку од претходната недела на известување. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 67,4 отсто. Кај 38 од смртните случаи (82,6 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети.
Оздравени се водат 613 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 166 лица повеќе од претходната недела на известување (21-28 јуни).