Негативни се резултатите кај двајца вработени во скопската Зоолошка градина што денеска се тестирани за птичји грип, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Поради појава на птичји грип, од викендов е затворена Зоолошката градината во Скопје.
„Направени се епидемиолошки анкети на сите 16 лица од списокот што е доставен од Зоолошката градина. Денеска е направено тестирање за птичји грип во Одделението за вирусологија на лице што во епидемиолошката анкета има наведено дека еден ден имало симптоми на покачена телесна температура. Тестирано е и второ лице вработено во Зоолошката, што денеска се пријавило во ИЈЗ со тековни симптоми. По добиените резултати, двете лица се негативни на птичји грип“, се вели во соопштението од ИЈЗ.
ИЈЗ излезе и со препораки до граѓаните во кои се наведува дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени или мртви птици.
„Иако можеби имало некои случаи што не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест“, велат од ИЈЗ.
Така, според ИЈЗ, луѓето можат да се заштитат од инфекции од птичји грип во областите со појава на вирусот ако избегнуваат контакт со болни или мртви животни, избегнуваат контакт со животни во фарми, пазари за животни и места каде може да се колат животни, како и да избегнуваат контакт со какви било површини што се чини дека се контаминирани со животински измет.
Посочуваат дека е потребно редовно миење на рацете со сапун и вода.