Институтот за јавно здравје денеска го објави неделниот извештај за периодот од 20 до 26 јули во кој се евидентира намалување на бројот на новозаболени и починати лица од Ковид-19, а зголемување на бројот на оздравени во однос на претходната недела, соопшти Министерството за здравство.
Во дадениот период направени се вкупно 9.563 тестирања (1.402 повеќе од периодот од 13 до 19 јули) и регистрирани се 956 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 82 случаи помалку од претходната недела. Во периодот на известување 10 отсто од тестираните се позитивни на КОВИД-19.
Новозаболени се регистрирани во 29 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (37,3 отсто – благо намалување во однос на претходната недела) и во Штип (16,1 отсто благо зголемување во однос на претходната недела). Во 17 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица на возраст од 50 до 59 години (22,3 отсто), а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 40 до 49 и над 60 години – 19,6 отсто во двете групи. Најмал број на новозаболени има кај децата на возраст до девет години – 2,6 отсто и од 10 до 19 години – 4,7 отсто од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 127 лица или 14,2 отсто, а кај 279 лица или кај 31,3 отсто регистрирано е присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени 44,4 отсто имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 21 лице (девет повеќе од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот од 20 до 26 јули регистрирани се 654 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 109 лица или 20 отсто повеќе од претходната недела на известување (13 – 19 јули).
Во периодот од 20 до 26 јули, регистрирани се 32 смртни случаи, што е 12 смртни случаи помалку од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години (84,4 отсто). Дваесет и девет од случаите се починати во болнички услови, а три вон болнички. Кај 26 од смртните случаи (81,3 отсто) регистрирани се претходни коморбидитети, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.