На Ракометна федерација на Македонија (РФМ) ѝ е изречена парична казна поради „недолично однесување на навивачите“ на вчерашниот натпревар против репрезентацијата на Холандија што се одигра во Вараждин, Хрватска, во рамките на Светското првенство, се вели во информацијата објавена на официјалната веб-страница на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Исто така, Ракометна федерација на Македонија е предупредена дека идните натпревари на селекцијата ќе бидат затворени за гледачи доколку се повторат слични инциденти.
Предупредувањето доаѓа откако Извршниот комитет на ИХФ утврдил дека за време на натпреварот на теренот биле фрлани предмети, се истурале течности, а со тоа била загрозена безбедноста на играчите, официјалните лица на тимот, судиите и официјалните лица на натпреварот.
Како што се додава во соопштението, безбедносните сили не успеаја да ги контролираат и да ги спречат овие дејствија кои особено ги изведувале навивачите на македонската репрезентација.
Од ИХФ додаваат дека од Хрватскиот локален организациски комитет и од Хрватскиот организациски одбор веќе било побарано да применат неколку безбедносни мерки по натпреварот помеѓу Унгарија и Северна Македонија, кои не биле соодветно спроведени, а со тоа, како што се вели, ситуацијата излегла од контрола на натпреварот одигран на 17 јануари, помеѓу Холандија и Северна Македонија.
Освен за Македонската ракометна федерација, казна е изречена и за Хрватскиот организациски комитет поради неуспехот на безбедносниот концепт, а исто така е предупреден дека местото ќе биде затворено за гледачи доколку се повторат слични инциденти на кој било натпревар.
На Локалниот организациски комитет во Вараждин, како што пишува во информацијата, му е наредено да го затвори просторот за гледачи зад тимските клупи и да го зголеми присуството на безбедносниот персонал и на полицијата во Вараждин за да се врши целосна контрола на пристапот, вклучително и контрола на сите гледачи и торби.
Од ИХФ велат дека ја задржуваат довербата во усогласеноста на двете национални федерации на одлуката донесена со цел да се заштитат играчите и официјалните лица, како и да се задржи имиџот на ракометот.