Со омилената музика на драматургот Горан Стефановски, со читање на извадоци од неговите дела, интервјуа, споделување на сеќавања и анегдоти и со садење на дрво ќе се слави животот на авторот кој и остави на нацијата голем број на легендарни драми.
Неговиот син Игор за „Фокус” ја потврди веста за церемонијата која ќе се случува на 27-ми април, во сабота, со почеток од 12 часот во Дебар Маало. Вели дека неговото семејство и пријатели ќе се обидат да ја покажат онаа, другата страна на Стефановски, како татко, сопруг, дедо, со проекции на видеа и фотографии од неговиот живот, со слушање на неговите омилени песни, а на настанот секој ќе може да сподели некое доживување или анегдота со драматургот.
-Настанот е отворен за јавноста, сите се добредојдени во Дебармаало во сабота во малото паркче наспроти Идадија/Наџак, на 27-ми април, денот кога татко ми се родил пред 67 години. Настанот ќе биде јавен, но сепак интимен. Сите жалиме и тагуваме и тоа многу долго ќе трае, но ајде во сабота да го славиме животот на Горан Стефановски! Културно, со пијачка и музика, по дебармаалски – раскажува Игор.
Околу најавите кои беа актуелни набргу по смртта на драматургот, кон крајот на ноември минатата година, дека неговата пепел ќе биде расфлана во водите на Охридското Езеро, тој открива дека тоа се уште не се случило.
-Имаше таква најава по смртта на татко ми, но ние се уште не сме решиле што ќе правиме – вели Игор.
Околу тоа дали семејството има неков план, или пак евентуално Горан имал некаква желба, додава дека не знаат, и како не стигнале да зборуваат за тоа. Веста за смртта на Горан Стефановски кој почина во Кентербери, во близина на Лондон, каде што живееше долги години наназад, ја трогна целата јавност.
Тогаш Игор ни откри дека агресивен тумор на мозокот бил причината за неговото прерано заминување и само две и пол седмици по откривањето на дијагнозата драматургот ја изгуби битката.
-Дебармаало има култно, скоро митско место во современата македонска култура. Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото — Горан Стефановски. Во состав на малата церемонија предвидена во сабота, 27 април 2019, во 12.00 часот, со садење на дрво во чест на Горан во Дебармаало по иницијатива на МАНУ (што го претставува и неговото духовно враќање дома во Македонија), семејството Стефановски и Општина Центар ве покануваат на прослава на животот на Горан во малото паркче спроти Идадија/Наџак, на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебармаало, туку и поим за едно минато време во нашиот град — време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи.
Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебармаало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма Демонот од Дебармаало, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. „Без маало нема држава!’’ Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар), слушање на неговата најомилена музика, и ‘отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан. Се надеваме ќе бидете во можност да ни се придружите во сабота – порача синот на легендарниот автор кој беше член на МАНУ и автор на голем број на легендарни драми, кои се преведени на многу светски јазици.
Една од најпопуларните серии, „Бушава азбука”, драмите „Диво месо”, „Тетовирани души”, „Дупло дно”, „Лет во место”, „Црна дупка” и многу други безвременски дела остануваат да сведочат за неговото творештво. Тој исто така беше автор на дел од албумите на легендарниот рок состав „Леб и сол” чиј фронтмен беше неговиот брат, познатиот гитарист Влатко Стефановски. Беше добитник на голем број на награди и признанија.
Вики Клинчарова