Игор Кралевски, до пред три години професионален фудбалер, а денес успешен тренер на подмладокот на ФК Вардар. Јавноста го забележа уште во далечната 1998 година, кога се појави на терените, и веќе во 2005 година имаше армија на фанови кои ја следеа неговата игра за познатиот хрватски клуб Хајдук. Пред 11 години го доби синот Теодор во првиот брак во Хрватска, а пред осум години стана татко и на Андреј, кого го доби во бракот со поранешниот модел и Мис на Македонија за 1996 година, Вера Мештеровиќ. Со неа ја доби и ќерката Јована.
За ,,Фокус’’ искрено раскажува за своите професионални достигнувања, за фудбалот и децата, за повлекувањето од професионалниот фудбал и новото животно поглавје како фудбалски тренер, за нештата што го обележале неговиот живот.
-За фудбалот и новите предизвици како тренер:
,,Фудбалот е моја љубов од кога паметам за себе. Како дете со мојот татко многу често одев на Градскиот стадион да гледаме натпревари и така полека ми се роди желба да тренирам фудбал, но никогаш не мислев дека фудбалот ќе стане дел од мојот живот. Првите тренинзи како дете ги одработив во ФК Вардар кој и тогаш беше најпосакуван клуб од секој аспект, па од денешна перспектива сум многу среќен што мојот професионален пат го започнав токму во најтрофејниот клуб во кој денес работам како тренер.
Многу години бев професионален фудбалер. Играв во домашни фудбалски клубови, а првиот меѓународен трансфер ми беше од ФК Работнички Скопје во ФК Хајдук во Сплит. Слободбно можам да кажам дека за мене тоа беше огромно фудбалско искуство бидејки Хрватска има силна домашна лига, а за нашиот клуб игравме и многу меѓународни натпревари со силни европски клубови.
Во времето кога играв во Хајдук мои соиграчи беа Нико Крајнчар, Стипе Плетикоса, Стриниќ, Калиниќ и други познати имиња, кои беа пред се мои добри пријатели и на теренот бевме силен и сплотен тим. Со голем дел од нив и ден денес сум во контакт и тоа се пријателства за цел живот. После неколку години од Хајдук направив трансфер во ФК Луч Енергија во Русија. Исто така многу силен тим и силна домашна лига. На почетокот беше тешко да се навикнам на климата бидејки од топлата и блага клима во Сплит наеднаш требаше да се навикнам да играм на поинакви климатски услови и зимски услови. Но се има своја убавина, па така за многу кратко време Русија ми влезе во срцето, брзо научив и руски јазик, играв во одличен тим на професионалци и тоа ми е навистина многу убав дел од професионалната кариера.
Фудбалот е многу популарен спорт, се игра пред огромна публика и секој натпревар значи многу голема желба за победа и за добра игра. Многу адреналин што не може да се опише со зборови, туку може само да се доживее. Навистина убави моменти кои остануваат во силни сеќавања како големо богатство.
Од Русија продолжив професионално да играм во Македонија во наши клубови со кои освојувавме титули и доживеваме големи успеси. Навистина убави времиња и секогаш со радост се сеќавам на сите моменти.
Во 2014 година одлучив дека е време да ја завршам мојата професионална кариера како фудбалер и да се посветам на нешто ново. Се вработив во ФК ВАРДАР АД Скопје како фудбалски тренер што ми беше вистински предизвик. Интересно е како човек брзо се прилагодува од една улога во сосема нова улога и со најголема радост и желба продолжува да работи понатаму со нови цели и амбиции. Започнав да водам генерација 2007 година, мали фудбалерчиња желни за големи успеси кои комплетно ме исполнија и се пронајдов себе си во тренерска улога.
Тогаш почнав да анализирам и да ги разбирам во потполност моите тренери кога јас бев младинец, па потоа и професионален фудбалер. Одеднаш имате нова улога и сите детски погледи се вперени во вас, вие сте им пример, тренер, учител, татко, другар, психолог, па морате да балансирате во сите тие улоги, а пред се да ги научите на основите на фудбалската игра, да ги челичите да бидат силни во секакви ситуации, да научат добра техника, координација, правилни движења и да бидат храбри на теренот. Но преку фудбалот и дисциплината која ја барам, да го изградат и својот карактер.
Тренерската работа е нешто што ме исполнува, предизвик кој ми претставува голем мотив за работа. Кога имаме натпревари, особено сега со генерацијата 2004 која ја водам моментално имам чувство како и јас да сум на терен, и кога има ,,густа’’ ситуација имам чувство дека треба да влезам како да ми се соиграчи. Се сплотувате со фудбалерите и со напорна и квалитетна работа, сите заедно се радуваме на успесите. Првата генерација која ја водев во ФК ВАРДАР беше 2007 година и тогаш бевме први во детската лига. Потоа и со генерацијата 2006 година исто така бевме први во детската лига, па 2005 исто така бевме први. Со генерацијата која ја водам оваа година, 2004, многу добро работиме, веќе правиме стратегии, со фудбалерите одлично се разбираме и еве до сега од сите натпревари имаме само победи. Се надевам дека сезоната ќе ја продолжиме со успеси како и до сега’’
-За најголемата љубов, семејството:
,,И приватниот живот ми е комплетно исполнет, исто како и професионалниот. Моето богатство се моите деца Теодор, Андреј и Јована. Теодор е најстар и во Јануари ќе полни 11 години, а Андреј сега наполни 8 години. И двајцата се супер ученици и се разбира, тренираат фудбал. И Теодор и Андреј играат на истата позиција како што играв и јас, стопери. Борбени се на теренот, имаат спортски дух и доколку сакаат јас би бил среќен ако некој од нив биде и професионален фудбалер. Секако сега училиштето е приоритет. Јована е првооделенче и се чувствува дека е многу голема. Девојчињата се поинакви, па така и Јована. Секогаш сака внимание на поинаков начин од браќата. Таа тренира одбојка во училиште, а порано одеше на балет. Инаку, како и секое девојче на таа возраст сака кукли, сака да ги игра, сака да црта, сака да се дотерува… Тројцата се многу добри, позитивни и дружељубиви деца и навистина уживам со нив. Теодор живее во Сплит, па не можеме да се гледаме секојдневно, но се трудиме тоа да биде што е можно почесто. Кога децата се поголеми, се е полесно.
Инаку, децата во денешно време мора да имаат физичка активност и да се тргнат од технологијата која за жал им го привлекува вниманието повеќе од било што друго. Затоа јас се трудам да им го ограничам времето кое го поминуваат на телефон и таблет, па времето со нив го поминувам во пишување домашни задачи кога имаат такви обврски, во шетање, во разговари на секакви теми бидејки тие се големи и многу љубопитни, дружење со пријатели, со деца во природа и на игралиште каде што нема телефони и технологија, туку вистинска детска дружба. Во последно време играме ,,Не лути се човече’’ во која игра на крај редовно има некој лут…ха ха…. Играме карти, си гледаме цртани филмови, играме и други игри…убаво секојдневие. Главно е дека играме рамноправно и јас не им попуштам.. Не попуштав никогаш ни на фудбалскиот терен, не им попуштам ни нив.. ха ха…Мора да се научат и на пораз. Навистина е убаво кога децата се малку поголеми. Се чувствуваш дека ти се како другари и на многу теми можеш да разговараш со нив како со возрасни луѓе, а кога губат на карти и се лутат, сфаќаш дека се сепак деца. Слободно време никогаш немав, ни како професионален играч, а немам ни сега како тренер бидејки времето во ФК ВАРДАР ни е вистина максимално организирано и исполнето. Како играч имав поинакви обврски и вистинска дисциплина која беше база на фудбалската игра и успех, а сега имам поинакви обврски во кои исто така мора добра организација, но секогаш наоѓам време за дружење со пријателите, со колегите од клубот и за релаксирање од секојдневнието’’
-За разводот со Вера Мештеровиќ:
‘’Точно е дека ставивме крај на бракот. Сфативме дека подобро ќе биде да се разделиме и тоа да биде на пријателски начин. Животот продолжува понатака и за двајцата, секој да се реализира на начин на кој ќе се чувствува исполнет. Среќен човек е оној што ќе се реализира како родител и ќе се чувствува исполнет во својата професија. Јас сметам дека сум успеал во тоа, па децата и работата комплетно ме исполнуваат и ме прават среќен’’
Вики Клинчарова