Игор Пехчевски, кој прв објави за недостиг на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза, се уште не го добил овој лек. Тој не се најде меѓу четирите пациенти кои денеска добија „трикафта“ на Детската клиника во Скопје. Иста е судбината на 140 пациенти низ целата држава. Игор порачува: ако има пари за функционерите да си ги зголемат платите, треба да има пари и за нивниот лек.
„Денеска лекот Трикафта го поделија уште на 4 пациенти. Јас не сум ни во оваа група. Повторно сум хоспитилизиран но сега на Детската клиника во Скопје , со влошена здраствена состојба. Треба да чекам да влезам во Терминалната фаза за да го добијам лекот кога нема веќе ни да ми делува. Постапете ВЕДНАШ и СЕГА , за да не ни се случат и други немилии случаи како со БЛАГОЈЧЕ“, порачува Игор до Владата и до премиерот, Димитар Ковачевски.
Според пациентите од цистична фиброза, набавката на лекот за 12 најкритични пациенти, е само за да се смири јавноста по смртта на најтешко болниот пациент, Благојче Илиевски
„Болеста е прогресивна и непредвидлива, и никој не знаеме што го чека утрешниот ден. Секој ден го живееме во СТРАВ и НЕИЗВЕСНОСТ. Престанете да тактизирате со нас болните од Цистична фиброза. Не си играјте пинг – понг со нашите животи. Направетего го тоа што го бараме од Вас СЕГА и ВЕДНАШ за да не биде предоцна за секој еден од нас. Правете добри дела за со добро да ви се врати“, порачува тој.
Пациентите со цистична фиброза најавија дека, доколку работите продолжат да се движат со вакво темпо, ќе излезат на протест после празниците.