Идните пензии не се безвредни: Профит од над 7 милиони евра за 2025 година оствариле пензиските друштва

by irena 14:37
14:37

Ненамерно сихронизираните информации во рок од неколку работни денови дека постоењето на вториот задолжителен пензиски столб е загрозено, дека ПИОМ нема пари и дека граѓаните ќе се разочараат од тоа што ќе го видат на своите сметки, ги вознемири идните пензионери кои за пет до шест години од сега ќе ги користат привилегиите на реформата од 2002 година, надградена во 2006 година.

Но, пензиските друштва работат или управуваат домаќински со пензиските фондови и ги инвестираат парите за да им обезбедат што поголем принос на идните пензионери кога ќе почнат да ги користат овие пари.

Во Македонија има четири друштва за управување со пензиските фондови. КБ Прво пензиско друштво и Сава пензиско друштво лани оствариле профит, а Триглав пензиско друштво и ВФП пензиско друштво кое е најмладо од сите и кое управува само со доброволен пензиски фонд, забележале загуба за 2025 година, покажува Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување.

„САВА и КБ Прво и во 2025 година, остварија позитивен финансиски резултат. Двете пензиски друштва ја завршија 2025 година со нето-добивка (добивка по оданочување). КБ Прво има остварено поголема нето-добивка од САВА, што најмногу се должи на фактот дека КБ Прво има остварено повисоки приходи, а воедно има и помалку трошоци од САВА, за 2025 година. САВА во 2025 година бележи поголема нето-добивка за 17% во споредба со 2024 година додека КБ Прво бележи поголема нето-добивка за 12%. Исто така, двете пензиски друштва остварија вкупна сеопфатна добивка и тоа, САВА во износ од околу 201 милион денари и КБ Прво во износ од околу 255 милиони денари.

ТРИГЛАВ бележи негативен финансиски резултат и во седмата година од своето работење. Во задолжителниот пензиски фонд со којшто управува ТРИГЛАВ сè уште членуваат релативно мал број на членови и средствата се од помал обем што влијае на помалиот износ на приходи од една страна, а од друга страна има значителни трошоци заради одржување на инфраструктурата на друштвото и вработените, трошоци за маркетинг, како и тековни трошоци за управување со фондот“, се вели во Извештајот.

КБ Прво пензиско друштво е во сопственост на словенечката финансиска групација Прва груп (51 %) и Комерцијална банка АД Скопје (49 %). Во двата фонда – КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд има вкупно 304.922 членови и управува со малку над 1,5 милијарди евра. Преку законските надоместоци ова друштво лани имало приход од 516 милиони денари речиси 9 милиони евра, а чистата добивка по оданочување е 4,1 милиони евра.

Сава пензиско друштво АД Скопје е во сопственост на Позаваровалница Сава д.д Љубљана. Во задолжителниот и во доброволниот пензиски фонд има 282.238 членови, а инвестициското портфолио е над 1,4 милијарди евра. Членството и донело приходи од 470 милиони денари или 7,6 милиони евра и профит од 3,1 милион евра.

Пензиското друштво Триглав бележи загуба од 7.500 евра што е огромно намалување во однос на 2024 година кога загубата била 245.000 евра. Друштвото имало приходи од 101 милион денари или 1,7 милиони евра, а управува со задолжителен и со доброволен пензиски фонд. Има 78.418 членови и со инвестициско портфолио од над 276 милиони евра.

ВФП Пензиско друштво АД Скопје управува само со доброволен пензиски фонд кој има 822 члена и инвестициско портфолио од 4,3 милиони евра. Од законски надоместоци заработило 4 милиони денари или 66.000 евра, но 2025 година ја завршило со загуба од 138 илјади евра.

Согласно Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, пензиските друштва наплатуваат процент од секој уплатен придонес во задолжителен пензиски фонд, пред претворање на средствата во сметководствени единици и висината не може да надмине 2 насто од секој уплатен придонес. Според податоците од МАПАС, сите три друштва што имаат задолжителни пензиски фондови лани наплатиле помал надомест, 1,7 насто.

За вршење на единствената дејност – управување со средствата на пензиски фондови, пензиските друштва се финансираат преку законски утврдени надоместоци, односно наплатуваат надоместок од придонеси, надоместок од средства на пензиските фондови и надоместок за премин. Исто така, пензиските друштва имаат и финансиски приходи како резултат на вложување на слободните парични средства во депозити и хартии од вредност, кои се дозволени во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Орце Костов

Слични вести