Мицкоски: Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година

by irena 15:37
15:37

Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година. Целта на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е да слушнеме од граѓаните што е тоа што недостига и да се подобриме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали најавената кампања на неговата партија е подготовка на предвремени избори.

– Не можам во секоја изјава да ја коментирам опозицијата, оставам на нивните ставови, но добро е како политичка партија да излеземе пред граѓаните и да слушнеме што е тоа што недостига за да можеме во овој меѓу период да се подобриме во нашите политики, а и дел да вклучиме во програмата за следните избори коишто ќе бидат во април месец 2028 година. Некаде крајот на декември 2027 година ние имаме избор на техничка Влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година и еден месец и логично е дека и јас како претседател на Владата и Владата сакаме да слушнеме и онаму каде што сме помалку успешни да бидеме поуспешни ако е тоа возможно во овој период ако не во следниот мандат, така што тоа е целта на оваа теренска активност очи во очи го граѓаните – рече Мицкоски.

Посочи дека неговата Влада е отчетна и транспаретна и оти во изминатите две – две и половина години тој и нејзините членови се постојано во јавноста со изјави и присуствуваат на јавни настани.

Слични вести