Идниот вицепремиер за дијаспора сака да патува и да гледа документарци

Уживам да читам историја и цивилизација и да се дружам со семејството и пријателите“, напишал Џемаил Чупи во биографијата доставена до Собранието.

by Фокус

Јас сум самоуверен и артикулиран доктор на науки по политички студии и магистар по дипломатија со над 13-годишно искуство во јавниот сектор и академската област – вака започнува биографијата на Џемаил Чупи од Алтернатива, кого мандатарот Димитар Ковачевски пред пратениците го предлага за вицепремиер задолжен за дијаспора.

„Мојата кариера во јавниот сервис започна во Агенцијата за вработување во Дебар, каде имав можност да стекнам административно и правно искуство. За ова време, имав можност да направам разни стручни обуки, но и да се фокусирам на студирање од втор и трет циклус“, стои во CV-то на Чупи.

Инаку, Чупи завршил на факултетот за Исламски науки во Скопје, по што магистрирал дипломатија на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, каде стекнал титула и доктор на политички науки.

Што се однесува до неговото работно искуство, освен во Агенцијата за вработување, тој бил советник за меѓуверски односи во дебарската канцеларија на ИВЗ, а потоа станал и предавач на Факултетот за политички науки при УБТ-колеџот во Приштина.

Покрај тоа што навел дека поседува бројни серфитикати, Чупи во делот на хоби и интереси посочил дека во слободно време сака да гледа новости и документарци, со цел, како што истакнува, да се информира за тековните работи и најновите случувања на меѓународниот пазар.

Исто така, уживам да патувам, да читам историја и цивилизација и да се дружам со семејството и пријателите“, напишал идниот вицепремиер за дијаспора.

Патем, во биографијата не штедел зборови ниту министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој, како што објавивме, за себе напишал дека е реформатор, посветен на татковината, адвокат на владеењето на правото…

В.С.

Поврзани новости