Димитар Гардев, кандидатот на партијата „Има таков народ“ за нов министер за надворешни работи на Бугарија, лажел во своето официјално CV за позицијата што ја извршувал како вработен во Европскиот парламент.
Инаку, Гардев во своето официјално CV напишал дека бил „советник во АФЕТ и СЕДЕ“, комитети на Европскиот парламент за надворешни работи и за безбедност и одбрана.
Но, како што објави „Еурактив“, релевантните служби на Европскиот парламент им изјавиле дека администрацијата на Европскиот парламент нема податоци за Гардев како член на персоналот во нејзиниот секретаријат.
Вработувањето на Гардев во парламентот всушност вклучуваше работа како помошник на бугарската европратеничка, Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија.
Запрашан за коментар, Гардев рече дека навистина работел како помошник на Јончева и во оваа функција покривал прашања од надлежностите на комитетите АФЕТ и СЕДЕ.
Притоа, тој рече дека Европскиот парламент ја разгледал неговата работа и дека добил добра оценка.
Јончева потврди дека Гардев и бил помошник во канцеларијата во Софија во периодот од 2019 до 2020 година, но рече дека неговото тврдење дека бил советник на двата комитета не е точно.