Граѓаните на Грац, вториот најголем град во Австрија, со своите гласови предизвикаа политички земјотрес. На изненадување на јавноста, на локалните избори победи Комунистичката партија на Австрија (КПА) освојувајќи 28,9 отсто, што е зголемување на бројот на гласови за 8,6 проценти.
Кандидатката и идна градоначалничка, Елке Кар (59), по победата изјави дека анкетите не предвидувале таков успех и оти тој е од „неочекувани размери“.
-Некои даваат ветувања во неделите пред изборите. Ние, пак, тоа го правиме секој ден со години, за луѓето, пред сè, за оние најсиромашните, изјавила Кар обидувајќи се да ја го објасни изненадувачкиот успех.
Во разговор за „РТЛ Директ“, кој го пренесува „Индекс.хр“, идната градоначалничка зборувала за Тито и Југославија, за себе и за односот кон граѓаните.
-Мојот телефонски број е ист од 2005 година, имам стара „Нокиа“ со копчиња, не паметен телефон, но го правам тоа веќе 16 години – на секој повик одговарам, ако не можам веднаш, тогаш подоцна ги барам јас, одговарам и на секоја СМС-порака. Секако, не можам да им помогнам на сите, но барем ги сослушувам, можеби така малку им го подигам моралот за да знаат дека на некој му е грижа за нив. Мислам дека тоа е многу важно, рекла Кар.
Таа вели дека песната „Working Class Hero“ од Џон Ленон за неа е главна мотивација дека луѓето независно од каде се, дали се мажи или жени, имаат еднакви можности.
За Тито вели дека знае од своето детство и оти Југославија е најблиска до нејзиниот идеал.
-Јас овие денови ќе наполнам 60 години и за Тито знам од моето детство, неколку пати како дете бев во Југославија. За мене таа држава се распадна на најтажен можен начин. Јасно е дека не било сè совршено, но Тито беше рамката која го поврзуваше сето тоа, мене ми се чинеше дека за време на Југославија не беше толку важно дали си Босанец, Црногорец, Хрват, Словенец, Србин. Постоеше рамка која ги поврзуваше различните култури, различните религии и тоа го направи токму Тито. Од сите поранешни социјалистички држави во овој дел од Европа, за мене Југославија беше најблиску до мојот идеал, вели идната градоначалничка.
Уште во првото интервју по победата Кар кажа дека нема да се кандидира на следните избори.