Идејно-политички концепти во изборниот процес

by Fokus

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ понуди освежување на кадровскиот потенцијал со нови имиња и квалитети, па и нови видувања и решенија за решавање на општествените прашања и проблеми. Меѓутоа, оваа нова коалиција не сoбра сила отворено да се дистанцира од духот и политиката на нивниот фактички лидер, кој пребегна во Будимпешта.

Ѓорѓи ТОНОВСКИ

Република Северна Македонија се подготвува за избори, за денот кога граѓаните со своите гласачки ливчиња ќе бидат, барем на еден ден, главни субјекти на насочувањето на општествениот развој. Всушност, во претпоставено нормален демократски тек, со гласачкото ливче граѓанинот станува носител на општествено-политичките збиднувања. Со моќта на ливчето граѓаните добиваат можност да учествуваат директно во определувањето и насочувањето на судбината на социумот, истовремено изразувајќи го задоволството или незадоволството од власта. Тоа е суштината на изборниот процес.

Со гласачкото ливче, граѓаните избираат (би требало – слободно, без манипулации) од многубројните идејно-политички ориентации и политички субјекти што учествуваат во изборниот процес и ја определуваат судбината на заедницата за определен временски (изборен) период. Секој граѓанин теба да знае дека кога заокружува еден од броевите на гласачкото ливче, (не)придонесува во креирањето на квалитеот на заедничкиот живот на територијата каде што се гласа (држава или локална заедница).

Со изборите, исто така, политичките субјекти ја проверуваат (не)исправноста на својот политички концепт и степенот на неговата афирмираност и прифатеност  од електоратот. Гласачите се приклонуваат кон еден или кон друг понуден концепт, зависно од нивните погледи на свет и од нивните потреби. Со изборите на македонската политичка сцена се манифестира цело богатство на различното, плурализам на идеи и визии за идното во политичкиот процес. Концептите што израснуваат од општествената практика се многубројни и претендираат на довербата/гласовите на електоратот.

Три доминантни изборни идејно-политички концепти

Анализата на понуденото пред електоратот за идното движење на македонското општеството покажува дека генерално во изборните понуди се препознаваат барем три заокружени доминантни концепти со различни политички провениенции: концепт со либерална и демократска провениенција, концепт со комунистичка (и псевдокомунистичка) провениенција и концепт на автократско-фашизоидна провениенција („заробена држава“, но и умерен/контролиран национализам).

Постои и една група на политички субјекти што нудат определени видувања, кои претставуваат комплот од позајмени тези од сите три доминантни провениенции. Овие концепти се отсликуваат во идеолошката матрица на политичките субјекти, во сознајниот аспект на нивното постоење, како и во нивната методологија на владеење, која била прикажана во одделни периоди на претходни изборни циклуси.

Во Република Северна Македонија сè уште не е забележено силно дејствување и влијание на концепти на политички движења кои припаѓаат на крајната десница или крајната левица. Овие ултракрила засега се камуфлираат во поголеми политички субјекти кои се идеолошки посмирени. Овие субјекти ги прифаќаат евентуалните пратеници на ваквите групации и делови од нивни идеологизирани програми, кои во политичката активност, сепак, се „ублажуваат“ или умешно се игнорираат од decision-makers-ите на партиите што ги прифатиле.

Инаку, специфика на изборите во државава  се т.н. изборни коалиции, кои веќе се претворени во вообичаена практика. Коалициите се одразуваат и врз политичките програми. Обично, последниот текст на политичките програми на коалициските партнери со кои тие здружено настапуваат пред електоратот, во крајна линија, е резултанта на програмските видувања на поединечните коалициони партнери. Поради тоа постои убедување дека природна коалиција може да се воспостави само меѓу партнери што припаѓаат на иста (или барем блиска) политичка провениенција.

Но, во македонската практика понекогаш има сведоштва што отстапуваат од ова правило, има случаи дури и на рационално незамисливи коалиции меѓу политички субјекти. Но, тоа, сепак, се случува во немирни времиња и тешко контролирани политички збиднувања, кои поради својата сериозна природа, налагаат посилна и поширока мобилизација на општествената енергија во име на националната безбедност и слично на тоа. Но, ваквите коалиции до сега во македонското искуство биле од привремен карактер и завршувале со смирување на општествено-политичката ситуација што ги предизвикала, и со организирање политички избори. Во такви моменти, според досегашните искуства, особено е нагласено присуството на меѓународниот фактор со нивните „пријателски укажувања и убедувања“.

Суштински елементи на трите изборни идејно-политички концепти

Содржината на либералната и демократска политичка концепција што им се нуди на македонските граѓани има најсилна привлечна моќ кај македонскиот разнолик електорат. Нејзината содржина ја сочинуваат стандарди, кои се идеја водилка на сите прогресивни политички сили во современиот развиен свет. Пазарна економија, плурализам, човекови права, цивилизациски вредносен систем и слично, се водечки принципи на успешниот општествен развој. Кон овие стандарди во Република Северна Македонија се надоврзува и темата за евроатлантските интеграции и амбицијата на државата да биде дел од НАТО и ЕУ.

Оваа амбиција, која наскоро би требало да стане и македонска реалност, во моментов има речиси плебисцитарна поддршка кај македонскиот електорат. Иако голем број политички субјекти оваа амбиција ја прогласуваат и за своја определба, сепак, за волја на вистината, најголем продор на овој план направи коалицијата  предводена од СДСМ (2016/2017). Во овој комплекс се и Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија.

Комунистичката (и псевдокомунистичката) политичка концепција што се нуди во некои изборни програми пред македонскиот електорат претежно има свои корени во т.н. комунистички период низ кој помина земјава. Определени социјални факти и политики подоцна станаа сопственост на пошироките цивилизациски простори во современиот свет.

Како што е познато, комунистичкиот политички систем не беше комплетен општествен проект и поради својата нефункционалност толку брзо и лесно се распадна. Но, во него постоеја некои елементи кои по својата природа се изворно хуманистички, социјални и етички и кои веројатно ќе останат во колективната меморија на овој народ како „златното доба на самоуправувањето (и на Тито)“. Таков период кај античките Грци беше т.н. „златно доба на Перикло“ кога цветаше античката демократија.

Интересно е дека тие „златни периоди“ и на антиката и во краткото искуство на крајот на 20 век исчезнаа во крвави воени виори. Т.н. социјалистички самоуправен систем го карактеризираше и постоење елементи од квалитетен вредносен систем. Тоа се некои работи кои се бенефитни и треба да се имаат предвид и во новиот општествен систем. Но, идејата за комунистички (социјалистички) систем како заокружена целина веќе нема голема сила и привлечна моќ кај населението.

Затоа, пак, хуманистичките, социјалните и етичките специфики на концептот имаат и тоа како голема привлечна моќ за македонскиот електорат и воопшто за животот на македонскиот граѓанин. Поради тоа тие  се значаен дел од политичките програми на определени политички сили, кои себеси се нарекуваат и „реформски“. Тој систем претендираше дека е општество на работничката класа, но од историски аспект е необично дека работничката класа не застана цврсто во негова одбрана во времето на падот на Берлинскиот ѕид. Исто така, и покрај комунистичкото минато, во Република Северна Македонија, по падот на Берлинскиот ѕид, не се формира и не профункционира моќно комунистичко движење.

Автократско-фашисоидната политичка концепција, според својата содржина, е сиромашно „четиво“. Оваа политичка концепција во историјата на Република Северна Македонија има „неславно“ и деструктивно минато. Основата на оваа концепција ја сочинуваат: деструкција на економијата, насилство, диктатура, авократизам, клиентелизам, мизантропство, медиокритетство, флагрантно кршење на човековите права, немерена корупција, глумење привидно силен национализам (а всушност умерен/контролиран национализам со кој се заведува тој дел од гласачкото тело), проектот за антиквизација (чија цел беше разнебитување на националното ткиво на Македонците), налудничавиот проект Скопје 2014 (со цел наводно разубавување на главниот град на РСМ), фалсификување избори („украдена власт“ од груевистичките послушници), умртвени општествени институции и слично.

Сублимиран назив на практиката што произлегуваше од ваквите изживувања на фрустрираната и ненаситна власт е синонимот „заробена држава“. Политички субјект(и), кој во земјата ја воведе фашизоидната диктатура беше Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, раководена од Никола Груевски и неговата фашизирана „камарила“. Но, во функција на новите парламентарни избори се формира нова коалиција под водство на партијата ВМРО ДПМНЕ. Коалицијата понуди освежување на кадровскиот потенцијал со нови имиња и квалитети, па и нови видувања и решенија за решавање на општествените прашања и проблеми. Меѓутоа, оваа нова коалиција не сoбра сила отворено да се дистанцира од духот и политиката на нивниот фактички лидер, кој пребегна во Будимпешта. Тој факт ќе стои и натаму како голем камен на оваа партија и коалиција…

 

Поврзани новости